Фото: Мета.мк

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила директна продолжена дискриминација врз лицата со физичка попреченост од страна на подрачното одделение на Државната изборна комисија (ДИК) во Карпош.

По допрен глас од лице со физичка попреченост кое се пожалило дека не може да го депонира својот потпис за поддршка на извесна независна кандидатска листа за локалните избори, Комисијата одлучила да изврши увид во подрачното одделение на ДИК во Општина Карпош, каде било утврдено дека објектот е неприлагоден и непристапен за лицата со физичка попреченост. Со тоа, тие не можат да го остваруваат своето загарантирано право на учество во политичкиот и јавниот живот, велат од КСЗД.

„Од извршениот увид членовите на КСЗД утврдија дека во овој случај се работи за неприспособена инфраструктура која на овие лица им ги оневозможува пристапот во објектот на Подрачното одделение на ДИК – Карпош. Со тоа ДИК оневозможил пристапност и достапност на лицата со попреченост во областа на еднаков пристап и учество во политичкиот и јавниот живот“, се вели во известувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

При увидот било констатирано дека до просториите на подрачната канцеларија на улицата „Стрезово“ број 7 се стига до приближно педесеттина тесни и стрмни скалила кои се неприспособени за лица со физичка попреченост, за стари, изнемоштени и болни лица.

Во подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, потписи за поддршка на независни кандидати и членови на советите на општините и советот на Град Скопје, депонираат жителите на општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај.