Утре започнува „На работ на климатската катастрофа“ – конференција за иницирање промена во креативните размисли

Фото: Фејсбук настан

Во Музејот на современа уметност утре (20 мај) и сабота (21 мај) ќе се одржи конференцијата „На работ на климатската катастрофа: култура, екологија и креирање политики во 21 век“.

Идејата за конференцијата е таа да претставува вид платформа на која теоретичари и практичари од различни сфери ќе дискутираат и споделуваат знаење за возможните начини на трансформирање на иднината во иднина добра за живеење во човечкото и не-човечкото општество.

Конференцијата, која што е во организацијата на Локомотива  – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Плоштад Слобода, во партнерство со Платформа Заједничко – Белград и Музеј на современа уметност – Скопје, е дел од проектот на Европската Унија – „АКТ – Уметност, Клима, Промена“ и во поддршка на програмата на Креативна Европа Министерството за култура на РСМ.

„Со оваа конференција целиме кон обнова на нашите перспективи како и кон креирање на простор за генерирање на знаење што произлегува од различни практики и полиња што може да биде коинспирирано од институционалната имагинација/иновативност, трудот, несигурноста, институциите за грижа, ремоделирањето на економските односи и од систематската трансформација, сите овие како форми на акција што им се спротиставуваат на трендоивте и ги деполитизираат прашањата за екологијата и нашата одговорност во врска со неа“, се вели во најавата за претстојната дводневна конференција.

Двата дена на програмата ќе има панел дискусии кои ќе ги предводат луѓе од различни сфери кои со своите размисли ги кршат конвенционалните граници на разбирањето за што е тоа заедница, самоорганизација и учество, со што придонесуваат за трансформирана, лична и колективна политика, со цел да се спречат социо-економските неправди кои произлегуваат од климатската катастрофа.

Темите на кои ќе зборуваат говорниците и соработниците се: Трансформација на пристапот на креирање политики во ера на еколошка катастрофа, Институции во културата и екополитиката, Феминистички алијанси за иднината, Разговор за одраст – Нова визија за одржлива иднина, Уметнички практики и екополитички перспективи, Уметничко образование и екологија, истражувања, визии, средби и Трансформативен модел на кровна економија за поодржливо и праведно општество.

Модератори на конференцијата ќе бидат Билјана Тануровска-Ќулаковски, Ивана Драгшиќ, Ирена Цветковиќ, Здравко Савески, Маријана Цветковиќ и Виолета Качакова.

Целосната агенда како и подетални информации за настанот може да се најдат ТУКА.