Уште седум контејнери, полни со буриња со линдан од ОХИС, заминуваат на уништување во Франција

Фото: Мета.мк

Уште седум контејнери, полни со буриња со линдан од малата депонија во ОХИС до крајот на неделава ќе заминат на уништување во инсценераторот во Франција. Првата пратка од седум контејнери, во кои беа спакувани 477,1 тони отпад од HCH во 1936 буриња, запечатени и обележани според меѓународната регулатива за прекуграничен транспорт на опасен отпад по Базелската Конвенција, се извезе на почетокот на месецов. Тие се веќе пристигнати и се во процедура за уништување. Исто како и првата пратка со опасен отпад и оваа ќе патува со товарни возила до пристаништето во Солун, а од тука со брод до крајната дестинација во Франција.

„Во моментов се врши утовар на уште седум контејнери, кои како втора пратка ќе бидат транспортирани за Франција. Се очекува до крајот на неделата да тргнат за Солунското пристаниште“, велат од Министерството за животна средина.

И од Државниот инспекторат за животна средина потврдуваат дека редовно ги следат активностите на терен со опасниот отпад. Информираат дека последниот контролен увид е направен на 26 јули, кога се следело товарењето на бурињата во контејнери.

Фото: Државен инспекторат за животна средина

Во дворот на фабриката за извоз чекаат и 126,37 тони почва загадена со линдан, спакувана во контејнери. Од Министерството посочуваат дека за овој отпад се работи на административна дополна на документите за да може да биде транспортирана до Холандија. Таму термално ќе се обработи и исчисти од загадувањето и ќе се користи за градежни активности.

Од Министерството велат дека ископувањето на линдан во малата депонија ќе продолжи од средината на идната недела, а во моментов се работи на амандман на договорот со UNOPS, која од почетокот на минатиот месец ја презема одговорноста за ископот со користење на средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС.

Со проектот за чистење на малата депонија на некогашниот хемиски гигант се претпоставува дека ќе се дислоцираат меѓу 2.500 и 3.000 тони линдан и околу 3.000 тони контаминирана земја. Опасниот пестицид во ОХИС го има и во големата депонија, за која се претпоставува дека може да содржи и десетпати повеќе опасна хемикалија отколку малата. Засега нема ниту претпоставки колку линдан е закопан во третата депонија кај месноста Пеленица кај Драчево.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со најмалку 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата.