УНХЦР бара да ги отвориме границите и да ги заштитиме бегалците

Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Антонио Гутерес денеска разговарал со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, за ситуацијата со бегалците на македонско-грчката граница и добил уверување дека „границата нема да биде затворена во иднина“.

„УНХЦР е особено загрижена за илјадниците ранливи бегалци и мигранти, посебно жени и деца, насобрани на грчката страна на границата во сè полоши услови“, се наведува во соопштението на УНХЦР.

Од агенцијата за бегалци на Обединетите нации велат дека иако ги разбираат притисоците со кои се соочува Македонија и легитимната загриженост за безбедноста, апелираат до владата да воспостави механизми потребни за да се воведе организирано управување со границите кое ќе ја земе предвид заштитата на бегалците и во соработка со УНХЦР да работи на создавање на доволни капацитетит за прием во земјата како и организирана регистрација и идентификација.

УНХЦР исто така апелира и бара од грчките власти да ги подобрат регистрацијата и прифатот на лицата коишто имаат потреба од меѓународна заштита и да им обезбедат итна помош на оние што се останати на грчката страна на границата и да ги упатат кон прифатните центри.

„УНХЦР останува подготвен да им понуди помош на двете влади во врска со овие предизвици. Исто така ги повторуваме повиците кон Европската унија да ја зголеми поддршката за земјите кои се погодени од движењето на бегалците во Југоисточна Европа, вклучувајќи поенергично спроведување на Агендата на Европската унија за миграција и поголеми правни патишта за прием во Европа“, стои во соопштението од УНХЦР, во кое се додава дека „Европа мора да делува заеднички во одговорот на оваа сè поголема криза и да им помогне на земјите како Грција, Македонија и Србија, кои се соочуваат со притисок надвор од своите капацитети“.