Училишта ширум САД ја откажуваат наставата поради наводни закани за пукање што се појавиле на ТикТок

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Училишта ширум Соединетите американски држави (САД) ја откажаа денешната настава по информациите дека на видео-платформата ТикТок наводно биле упатувани закани за пукање и бомбашки напади, пишува „Д Врџ“ (The Verge).

Неколку училишта во Калифорнија, Тексас, Минесота и Мисури рекле дека планираат да ги затворат училиштата по извештаите во локалните медиуми. Други училишта, пак, најавиле засилено полициско присуство и им испратиле електронска пошта на родителите во која ги информираат дека се истражуваат наводите.

Видеата што биле објавени на ТикТок ги предупредувале корисниците да ја прескокнат училишната настава денес поради наводни закани за пукање или бомбашки напади, што поттикнало голем број корисници да создадат слични видеа со предупредување за своите пријатели.

Откажувањето на наставата од страна на училиштата дополнително го поттикнало стравот меѓу родителите и учениците и довело до нов бран на видеа со предупредувања.

Во моментов има многу малку докази дека заканите се веродостојни. Локалните полициски оддели потврдиле оти слушнале за тренд кој повикува на можност за пукање или напади на 17 декември, но останува нејасно колкумина виделе закани директно насочени кон одредени учлишта.

Само едно училиште во областа Литл Фолс во Минесота било конкретно споменато во видео на ТикТок, истото било пријавено од страна на ученици кои го виделе видеото, по што Одделот за јавна безбедност во оваа држава испратило известување до училиштето да ја откаже наставата. Ниту едно друго училиште не било конкретно именувано како цел на напад.

Од ТикТок на Твитер искоментираа дека не идентификувале никакви видеа со конкретни закани и дека соработуваат со органите за спроведување на законот за да ги разгледаат предупредувањата.

Училиштата во САД и претходно годинава се справувале со опасни гласини што станале вирални на ТикТок. Пред неколку месеци имаше загриженост за тренд  кој ги поттикнувал учениците да ги удираат нивните наставници, што подоцна се покажа како лажен и непостоечки. Друг предизвик на оваа платформа ги охрабрувал учениците да крадат предмети од нивното училиште и да се снимаат, пишува „Д Врџ“.