Твитер под раководство на Маск ја прекина политиката за дезинформации за ковид-19

Фото: Joshua Hoehne, Unsplash

Твитер соопшти дека повеќе нема да ја спроведува својата политика против дезинформации поврзани со ковид-19, предизвикувајќи загриженост меѓу здравствените експерти дека промената би можела да има сериозни последици доколку ја обесхрабри вакцинацијата и другите напори за борба против вирусот кој сè уште се шири.

Според интернет-страницата на компанијата, Твитер престанала да презема мерки против твитовите кои ги прекршуваат нејзините ковид-правила минатата среда, на 23 ноември, пишува Би-Би-Си.

Досега Твитер суспендираше повеќе од 11.000 кориснички сметки поради дезинформации поврзани со ковид-19.

Ковид-политиката на Твитер предвидуваше суспензија за корисниците што објавуваат лажни или погрешни содржини што можат да доведат до значителен ризик од штета, како изложеност на ковид или оштетување на системите за јавно здравје. Корисниците кои ги прекршуваат овие правила можеа да бидат суспендирани на неколку часа, денови или пак на неодредено време.

Сега, некои од корисниците кои ги прекршија правилата се враќаат на Твитер, откако Маск најавидека ќе ги „амнестира“ корисниците чии сметки беа суспендирани на оваа платформа. Социјалната мрежа ја врати личната корисничка сметка на американската конгресменка Марџори Тејлор Грин, која беше забранета на платформата во јануари годинава.

Асошиејтед прес јавува дека одлуката на Твитер повеќе да не ги отстранува лажните тврдења за безбедноста на вакцините против ковид-19 ги разочара здравствените работници кои велат дека овој чекор може да доведе до повеќе лажни тврдења за вирусот или за безбедноста на вакцините.

„Лоши вести“, напиша на Твитер американскиот епидемиолог Ерик Феигл-Динг, кој ги повика луѓето да не бегаат од Твитер, туку да ја продолжат борбата против дезинформациите за вирусот.

Милиони корисници гласаа за враќање на суспендираните сметки во анкета што ја објави новиот сопственик Илон Маск. Тој вети дека ќе го направи Твитер „центар за слободен говор онлајн“ по неговото купување од 44 милијарди американски долари.