Третина од младите Германци живеат со парична помош од нивните семејства

Невработеноста кај младите во Германија е далеку под просекот на Европската Унија од 14,5 отсто. Најмногу млади меѓу невработените има во Шпанија и Грција со 28,7 и 26,7 отсто

Фото: Alexis Brown on Unsplash

Повеќе од една третина од младите граѓани во Германија живеат со финансиска помош на нивните семејства, објави Сојузниот завод за статистика, а пренесе германската новинска агенција дпа.

Според новите податоци, 35 отсто од лицата на возраст од 18-24 години минатата година добиле пари од родителите и други роднини или пак социјална помош.

Од друга страна, 51 отсто од младите самостојно се издржувале, а 13 отсто биле делумно или целосно зависни од социјална помош, стипендии и слични извори. Секој стоти млад Германец се издржува од некој свој имот.

Уделот на оние на возраст од 15-24 години кои посетувале училиште или оделе на пракса, но биле вработени во исто време бил 7,5 отсто, во голема мера ист како во првите две години од пандемијата, но повисок од историскиот минимум од 5,7 отсто во 2019 година.

Невработеноста кај младите во Германија е речиси преполовена во последните дваесет години, од 11 отсто во 2003 година до 5,9 отсто во 2023 година.

Инаку, невработеноста кај младите во Германија е далеку под просекот на Европската Унија од 14,5 отсто. Најмногу млади меѓу невработените има во Шпанија и Грција со 28,7 и 26,7 отсто.