Германската крајнодесничарска партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) освои најмногу гласови на парламентарните избори во сојузната покраина Тирингија, пренесува Би-би-си.

Партијата „Алтернатива за Германија“ освои речиси 33 отсто од гласовите. Демохристијанскиот сојуз на Германија (ЦДУ) освои 23,6 отсто од гласовите, а левичарската националистичка партија Сојузот Зара Вагенкнехт (БСВ) освои 15,8 отсто од гласовите.

Дополнително, АфД беше на второ место на парламентарните избори во соседната покраина Саксонија.

Ова е првпат од Втората светска војна крајнодесничарска партија да освои регионални избори.

Сепак, не е јасно каква ќе биде иднината на Тирингија, бидејќи мала е веројатноста дека која било друга партија ќе сака да коалицира со нив.

Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така ги повика другите главни партии да не формираат коалиции со АфД.

„АфД ѝ штети на Германија. Ја слабее економијата, го поделува општеството и го нарушува угледот на нашата земја“, изјави Шолц за Ројтерс.

Шарлоте Кноблох, активистка за правата на Евреите во Германија која го има преживеано Холокаустот, истакна дека изборите се одржале на 85-годишнината од почетокот на Втората светска војна. Според неа, изборите ја довеле земјата во опасност да стане „понестабилна, постудена и посиромашна и помалку безбедна“.