ТикТок стана неофицијален канал за видеа на спортистите на Олимписките игри во Токио

По успехот во спортското натпреварување, славјето се сели на ТикТок; Фото: Принтскрин

Спортистите што се натпреваруваат на Летните олимписки игри во Токио го искористија ТикТок за да ги објават незаборавните моменти што ги доживеале пред, за време и по олимписките натпреварувања, пишува Би-би-си. Еден од многубројните корисници на ТикТок е британскиот пливач Адам Пити, кој на 26-годишна возраст успеа да го освои златниот медал во пливање на 100 метри градно.

Само неколку часа подоцна, тој ја прослави својата победа со своите фанови објавувајќи видео на ТикТок. #OlympicTok е каналот каде олимписките спортисти од GenZ генерацијата ги објавуваат своите видеа.

Би-би-си во својата опсежна сторија ги наведува олимписките спортисти во Токио кои се најактивни на ТикТок во моментов. Австралискиот нуркач Сем Фрикер, 19 години, има 1,1 милиони следбеници и објавува околу 10 видеа дневно поврзани за спортскиот живот за време на Олимписките игри.

Рагбистката од САД Илона Махер, 24 години, има 725.000 следбеници и е позната по дрските видеа што ги објавува познатите олимписки спортисти.

Не помалку популарни на ТикТок се и 18-годишната спортистика Тајлер Даунс, која има 913.000 следбеници, како и скејтбордерката од Филипините, Марги Дидал, 22 години, која има дури 1,5 милиони следбеници на кои им се допаѓаат нејзините видеа со сензациските скејтања што ги прави пред својот мобилен телефон.

Инаку, ТикТок лани беше најсимнуваната апликација во светот и во моментов ги доживува своите златни историски моменти, па оттука не е чудно што олимписките спортисти го користат овој канал за споделување на видеа и комуникација со своите верни поддржувачи.