Јавниот автобуски превоз во Тетово не функционира во недела, автобусите се паркирани. Фото: Порталб.мк, 22 август 2021

Иако поминаа осум месеци откако пет автобуси за јавен превоз пристигнаа во Тетово, тие започнаа да сообраќаат низ Тетово дури минатата седмица, поточно два месеца пред локалните избори.

Иако требаше многу време тетовци да ги дочекаат одамна ветуваните автобуси, тие во неделата не сообраќаа низ градот. Од Јавното претпријатие „Тетово транспорт“ соопштија дека во недела не работат, пишува Порталб.мк.

Новинарот на Порталб.мк во неделата забележат дека четири градски автобуси се паркирани кај зградата на Противпожарната служба, а еден на автобуската станица, по што контактирал со Јавното претпријатие „Тетово транспорт“, од каде добил одговор дека градскиот јавен превоз во Тетово не работи во недела. Според нив, сè уште не е одлучено дали автобусите ќе сообраќаат во градот и во недела.

„Не, во моментов не знаеме дали ќе работиме во недела во иднина, но не верувам. Ќе Ве известиме“, рекле од „Тетово Транспорт“ за Порталб.мк.

Директорот на Јавното претпријатие „Тетово транспорт“, Дарко Спировски во интервју за Порталб.мк, минатата седмица изјави дека сега се создадени минимални услови за работа на автобусите за јавен превоз во Тетово. Иако претпријатието е формирано, некои работи и понатаму се недовршени и затоа, според Спировски, потребно е време да се дефинираат и определат многу прашања во врска со претпријатието и работите во него.

Инаку, ветувањето за јавен превоз во Тетово, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го даде за својот прв мандат во Програмата за локални избори во 2013 година „Градиме заедно“, и истото го повтори и во дебатата во организација на „БИРН Косово“ и „Порталб.мк“ во октомври 2017 година.