СЗА, Тејлор Свифт и Фиби Бриџерс меѓу најнаградените на Греми церемонијата

Тејлор Свифт го собори рекордот за најмногу награди во категоријата албум на годината со „Midnights“. Таа сега има четири победи во категоријата, надминувајќи ги Френк Синатра, Пол Сајмон и Стиви Вондер кои имаат по три

Фото: Тејлор Свифт на концерт во рамки на турнејата „Ерас“, август 2023 г. Paolo Villanueva (@itspaolopv), CC BY 2.0, Викимедија комонс

Фиби Бриџерс, СЗА, Тејлор Свифт и Викторија Моне беа меѓу најнаградените изведувачи при овогодинешното издание на Греми наградите кои се одржаа пред неколку часа во Лос Анџелес.

СЗА беше најноминиран артист оваа година во вкупно 9 категории, а понесе трофеи за 3 од нив. Таа настапи на церемонијата, рекреирајќи ја борбената сцена „Crazy 88“ од „Kill Bill“ на Квентин Тарантино при настапот на нејзиниот хит со исто име, кој беше прогласен за најдобра R&B песна, а другите 2 победи ѝ беа во категориите за најдобро дуо/група и современ албум.

Наградата за издание на годината ја доби Мајли Сајрус за песната „Flowers“, која исто така победи во категоријата за најдобра поп вокална изведба. Ова беа нејзините први Греми победи.

Фиби Бриџерс беше најнаграден изведувач оваа година со вкупно 4 победи, од кои 3 беа за нејзиниот бенд „Boygenious“, но победи и за соработката со СЗА во категоријата за најдобро поп дуо или група.

Тејлор Свифт го собори рекордот за најмногу награди во категоријата албум на годината со „Midnights“. Таа сега има четири победи во категоријата, надминувајќи ги Френк Синатра, Пол Сајмон и Стиви Вондер кои имаат по три. Дополнително, го најави нејзиниот следен албум кој треба да излезе на 19 април.

Добитник на една од главните категории за песна на годината беше Били Ајлиш со песната „What Was I Made For?“ создадена за филмот Барби, а саундтракот на филмот ја доби и наградата за компилација на саундтрак за филм.

Втор досега добитник на наградата за глобален импакт беше Џеј-З, за неговите достигнувања низ долгогодишната кариера, а при говорот се осврна на историјата на хип-хоп и потешкотиите низ кои поминале хип-хоп музичарите за да се признаени од академијата.

Викторија Моне ја прими наградата за најдобар нов изведувач, а нејзиниот албум „Jaguar II“, беше признаен за најдобар R&B албум.

Церемонијата беше отворена со настап на Дуа Липа, а следеа и изведби од Оливиа Родриго, Били Ајлиш, U2, Тревис Скот и Били Џоел кој се претстави со нова песна по 17 години.