Светот глув на прогласувањето независност на Каталонија

Србија, САД, Германија и Франција денеска соопштија дека ја поддржуваат владата на Шпанија и не го поддржуваат прогласувањето независност на Каталонија.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, рече дека за Србија објавувањето на независноста на Каталонија нема правен легитимитет.

– Србија го поддржува шпанскиот територијален интегритет и оваа акција не е во согласност со шпанскиот устав – рече тој.

Министерот за надворешни работи на Србија не пропушти да каже дека има „сличности“ меѓу „едностраното дејствување на Приштина“ и објавувањето на независноста на Каталонија.

Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека ја поддржува Шпанија и е против отцепувањето на Каталонија. Официјален Вашингтон смета дека Каталонија е интегративен дел од Шпанија и ја поддржува Владата во напорите таа да остане единствена.

Според портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт, потегот на Каталонија претставува кршење на принципите на суверенитет и на територијален интегритет на Шпанија.

– Германската влада не ја признава оваа декларација за независност. Берлин има јасен став дека го поддржува премиерот Маријано Рахој во обидите да поврати мир и ред – изјави Зајберт.

Слична изјава дојде и од Париз.

– Единствениот соговорник на мојата влада и на мене лично во Шпанија е Маријано Рахој. Ние нема да се мешаме, затоа што ова е внатрешно прашање на Шпанија – изјави францускиот претседател Емануел Макрон.