Студенти во Јужна Кореја ја тужат владата зашто испитот им завршил 90 секунди порано

Како отштета бараат 20 милиони вони (15.400 долари) по студент, односно трошоци за едногодишно студирање

https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/c/cb/Solar_tracker_22.png
Parucom, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Група јужнокорејски студенти ја тужат владата затоа што приемниот испит, наречен „Сунеунг“, завршил 90 секунди порано од предвиденото, пренесува Би-би-си.

Како отштета, студентите бараат 20 милиони вони (15.400 долари) по студент, односно покривање на трошоците за едногодишно студирање, за повторно да го полагаат испитот.

Нивната адвокатка тврди дека ваквата грешка влијаела на останатиот дел од испитот, затоа што се случила уште на почетокот на полагањето.

Во тужбата поднесена вчера од најмалку 39 студенти, се тврди дека ѕвоното заѕвонило порано во испитен центар во главниот град Сеул и тоа за време на полагањето Корејски јазик – првиот предмет на испитот.

Некои студенти веднаш се побуниле, но тврдат дека надзорниците сепак им ги одзеле тестовите. Наставниците ја забележале грешката и пред почетокот на следната сесија им ја вратиле минутата и половина за време на паузата за ручек, но на студентите не им било дозволено да менуваат ниту еден претходен одговор.

Студентите велат дека биле толку вознемирени што не можеле да се фокусираат на остатокот од испитот, а некои наводно се откажале и се вратиле дома.

„Сунеунг“ е еден од најтешките тестови во светот и претставува осумчасовен маратонски испит по повеќе предмети. Преку резултатите од истиот се одредуваат местата на универзитетите, а големо влијание има и врз иднината на студентите.

За време на испитот се преземаат разни мерки заради концентрација на студентите, па дури и се забранува прелетување на авиони и хеликоптери над регионот.

Резултатите од овогодишниот испит беа објавени на 8 декември.

Адвокатката на студентите кои тужат, Ким Ву-сук изјави дека образовните власти не се ни извиниле.

Надзорникот задолжен за конкретниот испитен центар каде се случил инцидентот,  го прочитал времето погрешно, а ова не е прв пат студенти да тужат поради прерано завршување на испит. Во април, судот во Сеул им додели по 7 милиони вони (5.250 долари) на студенти кои тврдеа дека биле обесправени на испитот во 2021 година, бидејќи ѕвончето заѕвонило околу две минути порано.