Српска судијка го тужеше КРИК, бара затворски казни и забрана за работа на новинарите

Ова е можеби најголемиот притисок врз КРИК досега, но овие тужби индеиректно ги загрозуваат сите други медиуми во Србија, вели уредникот на КРИК, Дојчиновиќ

-

Судијка од Апелацискиот суд во Белград поднела тужби против српската новинарска организација за истражување на криминал и корупција КРИК поради базата на податоци „Процени кој суди“ (Prosudi ko sudi) во чии рамки новинарите ја истражувале работата на судството, вкличително и нејзината работа.

Во двете тужби што судијката Душанка Ѓорѓевиќ ги поднела со нејзиниот сопруг, адвокатот Александар, покрај паричен надомест, бара и двегодишна забрана за работа на новинарите и по 10 месеци затвор, поради наводно прекршување на правото на приватност.

Поднесени се граѓанска и кривична пријава против новинарката Бојана Павловиќ и уредникот на КРИК, Стеван Дојчиновиќ. Со првата пријава, тужителите бараат отштета од 760.000 динари, а со второто бараат новинарката и уредникот да добијат десетмесечна затворска казна и двегодишна забрана за новинарска работа.

Во тужбата, Ѓорѓевиќ, која е позната по тоа што е член на советот што ги ослободи обвинетите за убиството на српскиот новинар Славко Ќурувија, тврди дека новинарите на КРИК „цртаат мета“ за неа и им помагаат на криминалците да ја најдат.

Од КРИК сметаат дека ова е притисок без преседан во работата на медиумите и оти претставува обид да им се забрани на новинарите да известуваат за работата и интегритетот на судиите.

„Ова е можеби најголемиот притисок врз КРИК досега, но овие тужби индиректно ги загрозуваат сите други медиуми во Србија. Висок судија нè тужи и тврди дека не ни било дозволено да го објавиме нејзиното име, па сега сме доведени во ситуација да ја браниме не само нашата работа на суд, туку и законското право на новинарите да пишуваат за оние кои практикуваат власт“, вели уредникот на КРИК, Дојчиновиќ.

„Граѓаните мора да бидат свесни дека на овие судења, всушност, ќе се одлучува дали на новинарите во Србија воопшто ќе им биде дозволено да спомнуваат судии, а камоли дали ќе им биде дозволено да ја критикуваат или анализираат нивната рбаота. Затоа, овие тужби ги гледаме како директно задушување на слободата на медиумите, бидејќи следењето на работата и имотот на функционерите е една од основните новинарски задачи“, додава Дојчиновиќ.

Базата на податоци „Процени кој суди“, КРИК ја лансираше кон крајот на 2020 година со цел да ја зголеми транспарентноста на судството во Србија. Од организацијата велат дека базата, од која дел е и профилот на судијката Душанка Ѓорѓевиќ, е креирана токму поради потребата на граѓаните да се запознаат со работата на судството и оти не е објавено ништо што може да ја загрози безбедноста на судиите.

Профилот на Ѓорѓевиќ содржи податоци за нејзиното напредување во судството, ги опишува клучните случаи во кои судела, а наведен е и бројот на имотите што ги поседува со нејзиниот сопруг – пет стана, две гаражи, деловни простории во Белград, како и земјиште во близина на Бајина Башта.

КРИК не дава адреса за ниту еден од овие имоти, со што не ја загрозил безбедноста на судијката и нејзиниот сопруг.

Не е точно дека Министерството за образование нуди бесплатни курсеви по англиски јазик за сите

Целта на вака креираната невистинита најава е да се генерира интернет сообраќај, односно да се убедат што поголем број корисници да пристапат до страниците коишто се рекламираат. Оваа објава...