Стотици документи и фотографии дел од патувачката изложба „120 години од Илинденското востание“

Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија и Белград

фото: Државен архив на Република Северна Македонија

Огромен број посетители ја посетиле изложбата „120 години од Илинденското востание – архивска меморија“ која на 1 август беше отворена пред Македониумот во Крушево во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, соопштија од Државниот архив.

Изложбата содржи над 300 архивски документи и фотографии прикажани на 20 изложбени паноа. Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија и Белград, информираше Архивот.

Посетителите на изложбата имаа можност да се сретнат со авторите и да се информираат за историските факти.

„Оваа изложба ги прикажува создавањето на македонската револуционерна организација, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на Организацијата, нејзината структура, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните вооружени борби со турската војска. На неколку паноа се прикажани и активностите што следувале по востанието, неговите последици и ефекти, како и конзулските известувања и објавите на светските печатени медиуми за него”, изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.

Изложбата идната недела ќе биде поставена во НУ Музеј на македонската борба во Скопје, а поради големиот интерес, Државниот архив најави нејзино претставување во повеќе градови во државата.