fbpx

Старо обраќање на Црвенковски од пред три години прикажано како ново пред изборите

Факт е дека никаде не може да се најде ниту една порака или обраќање на поранешниот претседател Бранко Црвенковски дадено пред изборите. Тој не се појави ниту на инаугурацијата во Собранието на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова

-

Пред изборите кои се одржаа на 8 мај 2024 година, Црвенковски немал никакво обраќање ниту порака испратена до власта. Црвенковски испратил порака дека Македонија е корумпирана држава, но тоа не го сторил на 6 мај 2024 година, туку во септември 2021 година, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме во целост: 

 

Анализираме објава на Фејсбук која пренесува порака од поранешниот претседател Бранко Црвенковски, наводно дадена во очи на претседателските и парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај годинава.

И го имаме хитот на избориве, стои во објавата.

Објавата споделува и фотографија од напис на Вечер, објавен на 6 мај 2024 година, два дена пред изборите.

Точно е дека Вечер на 6 мај 2024 година објавил напис со наслов „Црвенковски до СДСМ/ДУИ: МАКЕДОНИЈА Е КОРУМПИРАНА ДРЖАВА“. Но, на крајот од текстот на Вечер јасно е наведено дека станува збор за старо обраќање на Црвенковски, односно за негов говор во МАНУ од 2021 година.

Бранко Црвенковски, настап во МАНУ, септември 2021, забележува Вечер на крајот од написот.

Тогашното обраќање на Црвенковски пред академиците го пренесоа голем дел од медиумите во Македонија.

Точно е дека Црвенковски тогаш, во својот говор се осврна на корупцијата во државата.

Македонија е корумпирана држава, а во корумпирана држава нема еднаквост пред закони, нема фер пазарна економија, нема квалитетно образовани, каде што дипломите се заслужуваат, а не се купуваат, нема ни квалитетно здравство, ниту доверба во институции. Во корумпирана држава нема доминантен систем на општествени вредности за да се исчекори напред. Второ, Македонија е внатрешно длабоко конфронтирана и поделена држава, во која партиите не се гледаат како конкуренти туку како непријатели што треба да се уништат меѓу себе и во која не може да се постигне консензус за ниту едно битно прашање. И трето, Македонија е држава која живее на кредити, а кој живее на кредит умира на рати. А, каде завршија парите од тие кредити – дали во инфраструктура, во подигање на квалитетот на јавното здравство…, Факт е дека голем дел од овие средства отидоа во апсолутно непродуктивни трошоци, рече Црвенковски во своето обраќање во МАНУ во септември 2021 година, пренесе „360 степени“.

Пренесувањето на стари пораки на експретседателот во очи на изборите, без притоа да се нагласи дека станува збор за обраќање од пред три години, претставува политичка манипулација со јавноста, имајќи предвид дека Црвенковски е поранешен претседател и поранешен лидер на СДСМ. Ваквите негови пораки наводно упатени пред изборите, би можеле да имаат политичко влијание врз поединци.

Факт е дека никаде не може да се најде ниту една порака или обраќање на поранешниот претседател Бранко Црвенковски дадено пред изборите. Тој не се појави ниту на инаугурацијата во Собранието на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

Значи, точно е тврдењето дека Црвенковски испратил порака дека Македонија е корумпирана држава, но тоа не го сторил на 6 мај 2024 година, туку во септември 2021 година. Пред изборите кои се одржаа на 8 мај 2024 година, Црвенковски немал никакво обраќање ниту порака испратена до власта. Поради ова оценуваме дека на објавата која ја анализираме ѝ недостига контекст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја враќа оградата од ковано железо околу Владата

Меѓу многуте одлуки од денешната, втора седница на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, донесена е и одлука за враќање на оградата околу владината зграда, која беше отстранета пред пет...