Фото: vlada.rs

Српскиот парламент денеска треба да го одржи продолжението на конститутивната седница, на која што ќе се расправа за втората точка од дневниот ред – избор на претседател на законодавниот дом.

Како што најави Александар Вучиќ, претседателот на Србија и на Српската напредна партија, која има апсолутно мнозинство во овој состав, лидерот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, ќе биде предложен за нов парламентарен спикер. Ќе се гласа и за новите шест потпретседатели на парламентот, за нов генерален секретар.

Конститутивната седница почна на 3 август годинава, а досега само беа верификувани мандатите на новите пратеници.

По ова гласање, треба да се гласаат измените на Законот за влада и министерства, со кое ќе се додадат две нови министерства, а потоа на посебна седница мандатарот за состав на новата влада и досегашен премиер, Ана Брнабиќ, ќе го претстави своето излагање и предлогот на нејзиниот кабинет.

Според законот, рокот за избор на новата Влада на Србија истекува 90 дена по потврдувањето на мандатот на народните пратеници, што во овој случај е 1 ноември 2020 година. Според најавите од Вучиќ, изборот на новата влада би требало да се случи до следната среда, а ако пратениците не го направат тоа, Србија ќе мора да одржи нови парламентарни избори.