Средношколците и студентите со пониски стипендии треба да потпишат анекс на договорите за да добиваат повисоки суми

фото: Мета.мк

Корисниците на ученички и студентски стипендии кои се стекнале со ова право во некоја од изминатите учебни, односно академски години и имаат активни договори за користење на стипендијата, од оваа година ќе добиваат зголемен месечен износ, идентичен на износот кој го добиваат новите стипендисти, велат надлежните во Министерството за образование и наука (МОН). Но, за да го остварат правото на зголемен месечен износ на стипендија, постојните стипендисти со активен договор потребно е до МОН да достават пополнет и потпишан анекс на договорот за соодветната стипендија.

Станува збор за студентите и учениците кои правото на стипендија го оствариле пред академската, односно учебната 2021/2022 година. Така, студентите кои во моментов земаат пониски стипендии во износ од 3.000 или 4.000 денари, по потпишувањето на анексите на договорите, за годинава ќе добиваат стипендии во висина од 6.050 денари, исто како и останатите студенти.

„Анексот се пополнува и доставува во три примероци, во писарницата на
министерството или преку пошта (ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје),
најдоцна до 17 март“, информираат во МОН.

За овој случај имаше гласни реакции од страна на студентите, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди индиректна дискриминација врз оштетените студенти по основ на образовен статус.

Од Министерството не соопштија дали и студентите што минатата година земаа пониски стипендии, а во меѓувреме дипломирале, ќе добијат доисплата на разликата, бидејќи утврдената дискриминација од КСЗД се однесуваше и на нив.

Од МОН велат дека врвен приоритет им е грижата за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард.

„Зголемување на финансиската поддршка за учениците и студентите, го олеснува процесот на образование и го насочува фокусот кон неговата суштина – стекнување на соодветни знаења и вештини“, додаваат во МОН.