„Соносвет“ или што ако постои свет каде луѓето сонуваат заеднички: Интервју со Марио Савовски

Марио Савовски | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Марио Савовски е млад писател, преведувач, геjмер и гејм-дизајнер кој во моментов живее и работи во Германија. Во интервјуто за Мета.мк тој зборува за неговиот дебитантска роман „Скајпанк“, напишан на англиски јазик, потоа за неговиот проект „Урбанон“ поврзан со паранормалните појави во Скопје и Македонија, кој вклучува книга и друштвена игра како и за тематиката на неговото следно литературно дело во кое постои паралелен соносвет. Покрај тоа, Марио зборува и за предизвиците на вештачката интелегенција и модерните чат ботови, за уметноста генерирана од вештачка интелегенција, како и за самоуништувачката природа на неразумната трка по профит.

Вие сте  писател, гејмер и работите на изработки на видео игри во Германија каде и моментално живеете. Вашата дебитантска книга како писател е „Скајпанк” издадена на Амазон, книга што ја имате исклучиво во англиска верзија. Англискиот јазик го владеете на мајсторско ниво што се гледа и од вашиот богат и колоритен речник при пишувањето, односно имате дипломирано на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“- Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Дали „Скајпанк“ беше еден вид креативно остварување што ви даде сила и за понатамошни дела? 

Како прво, фала ти на можноста да се „отворам“ малку, баш ми правиш чест со интервјуво. Ако зборувам за „Скајпанк“, треба да почнам од моите средношколски денови. Тогаш почнав со пишување и творење. Почнав со кратки раскази, па сценарија за стрипови, од кои неколку имав ненормална среќа да бидат претворени во стрипови во манга стил кои и ден денес се достапни онлајн за читање, па дизајнирање игри и пишување подолги работи. „Скајпанк“ беше мојот втор обид за пишување на роман, или со други зборови, прв „успешен“ обид. Почнав да ја пишувам книгата при крајот на средно, а ја завршив и издадов на 20 години. Иако книгата беше самоиздадена преку „Амазон“, сепак ја сметам за едно големо лично достигнување и ми даде додатна енергија да продолжам да творам. Можам да кажам и дека придонесе за да стигнам каде што сум сега!

Марио Савовски | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Писателите мораат да се докажуваат по сто пати дека се професионалци и ако тоа не се брои, а се брои, ја имате издадено и книгата „Урбанон”, одобрена и финансирана од Министерството за култура. Книгата покрена интересен феномен поради специфичноста на делото. Станува збор за еден вид мрачна фантастика и хорор за тајна агенција што истражува паранормални појави и духови ширум Скопје. Кога беше објавена се организираа настани и беше изграден веб-сајт со загатки што предизвика огромен интерес. 

Да, имав среќа да аплицирам со проектот „Урбанон“ и да бидам финансиран од Министерството за култура, а и да имам издавач како „Современост“ заедно со одговорниот уредник Стефан Марковски кој беше подготвен да „ризикува“ со една навистина експериментална книга, која не беше само книга, туку и цело едно интерактивно искуство со маркетингшка кампања каде луѓето заедно истражуваа скриени тајни низ Скопје. Сакав да направам нешто интересно, што го немав видено кај нас претходно. А, општо сум голем фан на хорор приказни и паранормални случки, и урбана митологија, и сфатив дека немам прочитано нешто слично на македонски јазик иако таков вид на содржина е доста популарна на интернет и во Америка. Сакам да експериментирам и да пробувам нови работи, па затоа и сакав форматот на книгата да биде необичен – не сакав да биде само обична проза. Затоа и се одлучив целата книга да биде во форма на документи и извештаи од организација која истражува паранормални настани низ Македонија. Искрено бев малку скептик дали ќе им се допадне на луѓето, но морам да признаам бев пријатно изненаден кога видов колку луѓе и фанови се појавија на промоцијата и колку интерес имаше општо и за книгата и за интерактивните делови. Една од најскапоцените мемории ми е ноќта на промоцијата.

Подоцна објавивте и една од првите друштвени игри целосно од македонски автор со истоимен наслов „Урбанон“, како и водичот „Урбанон: Прирачник за Агенти“ преку Списанието „Современост“ во улога на издавачка куќа и повторно финансирана од Министерство за култура, што е показател за уште едно квалитетно дело. 

Интересно е што, оригинално сакав „Урбанон“ да биде трилогија на книги. Но, кога почнав да го пишувам вториот дел сфатив дека сакам да биде нешто поинакво, а ете пак сакав нешто ново да направам. Баш тој период се сеќавам разговарав со пријателот (и тогашен колега) Кристијан Станкоски за тоа како тој има направено кампања за играта Vampire: The Masquerade во Скопје, слична со тематика на мојата книга „Урбанон“. Тогаш ми дојде идеја да направиме таква друштвена игра со улоги во светот на „Урбанон“. Па така, заедно со Кристијан кој ја ко-дизајнираше играта заедно со мене, седнавме и успеавме со помош на дизајнерите Иво Пешевски и Јовица Ризовски (и еден куп други луѓе кои помогнаа во изработката и тестирање на играта) да искалемиме нешто ново на овие простори – друштвена игра со улоги (tabletop roleplaying game) каде играчите се агенти кои истражуваат паранормални настани низ Скопје и Македонија.

Кои интересни случки или анегдоти излегоа при организирањето на настани или едноставното пробување да се игра играта со пријатели? Како што беше примерот со „Чадовиште“ што дојде случајно и спонтано на промоцијата на Друштвената игра кога требаше да се именува чудовиште од чад?

Ааааа браво, секоја чест што го памтиш тоа! Баш ме изнасмеа со ова, го имав скроз заборавено! Да, тоа е дел од убавината на овие игри, има многу простор за импровизација и креативност, и во самиот момент можат многу интересни приказни да се створат спонтано. Неколку други моменти што ми паѓаат на памет се:

  • На првата промоција на „Урбанон“, бидејќи самиот настан беше од интерактивна природа, имаше можност посетителите да симнат апликација. Се сеќавам дека беше прилично ладно иако беше 21 март. Сепак, група на дечки кои беа доста големи фанови на целата интерактивна кампања позади „Урбанон“, излегоа уште додека траеше промоцијата и бараа низ Скопје да ги најдат некои од кодовите кои беа скриени во апликацијата! Имаа постирано слики во групата на Фејсбук и не ми се веруваше дека сум успеал да направам нешто што до толку ќе заинтересира некого!
  • Имав мало јавно тестирање на играта на А1 гејм фест 2019 каде имаше доста фанови на друштвени игри, и се сеќавам дека играта им фати око на повеќе луѓе, дел од кои беа косплеерки. Во еден момент имавме сесија каде играа Mia Wallace, American McGee’s Alice & Catwoman. Тоа беше суреално искуство.

Моментално работите на нова книга и полека но сигурно ја оформувате и пишувате. Ги истражувате симулациите во склоп на епска фантастика помеѓу јавето и сонот, со јунаци што дејствуваат во светот на соништата, а тоа има ефект и врз реалниот свет. Што би додале околу главната премиса на вашето следно дело? Би откриле ли на пошироката читателска публика за што точно се работи, чисто како „тизер“ за што следи во иднина?

Како што тргнало, страв ми е да зборам за новата книга, да не испадне и јас ја пишувам мојата книга за сонови исто како George R.R. Martin што сонува за пролет хахаха. Шала на страна, тоа ми е поголем проект на страна што веќе подолго време се крчка. Исто како и „Скајпанк“, книгата ја пишувам на англиски, а се работи за свет кој е сличен на нашиот во многу нешта, но со една голема разлика. Во овој свет, секој што спие сонува во еден паралелен соносвет кој го дели со сите останати луѓе од овој свет. Замислете си – легнувате да спиете, и наеднаш сè околу вас е бела празнотија, а пред вас – огромна камена порта. Од другата страна – соносвет каде сè што ќе посакате е реалност, но исто и она што останатите ќе го посакаат станува реалност. Дали сите би посакале среќа еднакво? Или тоа што е убав сон за едни е кошмар за други? Тоа е премисата – што ако постои свет каде луѓето сонуваат заеднички? Ова правило само по себе потегнува огромни импликации и прашања кои сакам да ги истражам преку оваа приказна. Приказната ги испреплетува животите на повеќе ликови кои се во различни сфери на општеството – од инквизиторка на црквата која лови еретици, преку детектив кој истражува криминал во соносветот, до драматург кој оркестрира соновни искуства за луѓето кои немаат доволно креативност дури да сонуваат убав живот. Всушност, природата на сонот отсекогаш ме фасцинирала. Овој проект ми е можност да навлезам длабоко во таа тематика, но и да креирам свет поинаков од сè што досега имам видено.

Сега го живеете и „сонот“ на секој гејмер да работи и да заработува од правење видео игри. Би сакале ли да споделите кој е патот да се успее со гејм дизајн во странство? Кои компјутерски програми се најдобри да се совладаат и учат коишто би се исплателе во иднина за младите што сакаат да се бават со оваа професија?

Генерално, повеќето луѓе имаат многу погрешна слика за тоа што се подразбира под

Марио Савовски | Фото: лична архива, се користи со дозвола

„гејм дизајн“. Прво, би сакал малку да разјаснам – гејм дизајнерот не е програмер, ниту уметник. Ттоа се првите две прашања што ги добивам од луѓе кога ќе кажам што работам хахаха. Гејм дизајнерот ја осмислува идејата за играта – механиките, визијата, контролите, содржината. Тој работи со сите останати дисциплини, вклучувајќи ги програмерите и уметниците, да ја оствари таа визија и да створи игра која што е забавна и успешна. Не знам дали мојот пат е баш стандарден и е не-толку-кратка приказна за тоа како стигнав до тука, но за сите што ги интересира гејм дизајн би им препорачал неколку работи:

  • Играјте многу игри. Тоа е прво и основно. Не само да играте, туку и да ги анализирате и да разберете како функционираат, кои се правилата кои се во позадината на искуството, што е тоа што ги прави забавни. 
  • Читајте за гејм дизајн. Има доста книги кои ги доловуваат основите, но и многу онлајн ресурси што се бесплатни, како и канали на „Јутуб“ кои имаат богатство од содржини за гејм дизајн.
  • Почнете да градите портфолио – било да се дизајни за друштвени игри, или видео игри. Ако имате можност и афинитети да научите да користите алатка како Unity или Unreal Engine – уште подобро. 

И секако, треба упорност и желба за сето тоа. А да, и одлично познавање на англиски јазик хахаха.

Преку годиниве сте активен на бројни „косплеј“ настани поврзани со компјутерски игри и стрипови и слично. Досега за кои ликови имате правено косплеј маски освен за Панишер и Колосос од Икс-Мен?

Ау, тоа беа денови. Ми недостигаат тие косплеј моменти, да ти кажам право. Не дека некогаш сум бил профи косплејер (а имаме навистина квалитетни косплеери – shoutout to @Avicosplay), но вака ко што се сеќавам имам правено косплеј на:

  • Medivh од Warcraft, за Хартстоун турнир (со мана потка благодарение на шанкерот што ми наполни чоканче со џиш син коктел);
  • Giovanni од Покемон;
  • Супермен;
  • Gomez Addams;
  • Dennis / Patricia / Hedwig / Barry / The Beast од филмот Split. Да, сите 5 личности. Ова ми е косплеј со кој најмногу се гордеам.

Кога сме кај менувањето на физичкиот изглед, би ве запрашале околу вежбањето. Се бавите со бодибилдинг и со боречки вештини. Дали практикувате некој готов систем на вежбање или имате свој начин на вежби кои си ги адаптирате на вас како најдобри? Како изгледа еден ваш дневен “workout”? И кои совети би ги споделиле околу здравата исхрана компатибилна со вежбањето? 

Не знам дали сум вистинската личност за давање совети околу вежбање и боречки вештини со оглед на тоа што сè уште се сметам за „почетник“ и во двете категории. Генерално, се трудам да вежбам барем три пати неделно со тегови и со телесна тежина (калистеника), и барем еден ден вежбам бокс на вреќа. Мојот систем на вежбање е – гледај јутуб и види што најмногу ти прави логика. Си имам распоред што се трудам да го следам каде гледам да ги вежбам сите главни мускулни групи барем еднаш неделно за подеднаков развој.

Ако можам да дадам некаков совет за читателите околу вежбањето и фитнесот тоа е – навиката и конзистентноста се најдобар систем. Што и да е, најдете нешто што можете да го правите редовно. Почнете со 5 минути неделно. Што и да е – створете рутина прво бидејќи тоа е најтешкиот дел. Ако имате рутина сè останато ќе следи – од 5 минути во 10, во 30, во 60. Од еден склек до 10, до 100 кила на бенч. Маратон е, а не спринт. А во однос на здрава исхрана, од пред некое време почнав да правам mealprep, или подготовка на храна, чисто поради фактот што од понеделник до петок немам време за готвење па полесно ми е да зготвам 2-3 големи здрави оброци во недела, што ми траат наредните 4 денови. Има доста Јутуб канали за mealprep, еден од моите поомилени е @TheMealPrepManual. Типот е доста прагматичен, рецептите се лесни а вкусни, и плус е интересен за гледање.

Кое е вашето мислење за развитокот на вештачката интелегенција? Дали  според вас нè очекува црна иднина како во научно-фантастичните филмови од Холивуд и пошироко како сценарија на „Скајнет“ од Терминатор или Матрикс или пак најновото аниме “Cyberpunk 2077 EdgeRunners”? Или, пак, можеби ќе живееме во хармонија со машините и ќе имаат доволно разум и самосвест да не нè уништат туку да соработуваме и растеме заедно во сите аспекти на животот?  

Колку време имаш за муабет на темава? Мислам дека би можел да зборувам на темава со саати. Особено со оглед на најновите развивања во сферата на вештачка генерална интелигенција, или AGI – можноста компјутерите да разберат било каква интелектуална задача што може да ја разбере човек. Токму периодов излезе ChatGPT – програма која има можност за процесирање на општи команди на разговорен начин. Зачудувачки е колку успешно може да се води разговор со програмата на било која тема. Да бидам искрен, не ме плашат „машините“ колку што ме плаши капитализмот. На крајот на краиштата машините се алатка – мали се шансите дека ќе се развие вештачка интелигенција, а притоа силиконската долина да НЕ најде начин на хипермонетизација на истата. Доволно е само да погледнеме како се развива интернетот, социјалните мрежи и општо софтверот кој го користиме во последниве 20 години – крајна цел е вадење на максимален профит – тоа е црната иднина што јас ја гледам. Не се машини кои ќе имаат доволно разум и самосвест да нè уништат, туку машини кои се доволно истренирани на човековото однесување и хипероптимизирани да се совршени капиталистички битија. It’s a boring dystopia, and we’re already there.

Интересно прашање е дали се согласувате со тоа дека можеби сите органски високоинтелегентни битија во Космосот го имаат сингуларитетот – спојувањето со компјутери и роботи како природен тек од нивната еволуција?

Имам дебатирано слично прашање со колеги. Ако збориме за нас, човечката раса, тоа се чини како многу очигледен пат напред, особено ако погледнеме како функционира светот денес. Ние веќе сме споени со компјутери – комуницираме преку нив, добиваме информации преку нив, работиме преку нив. Многу луѓе буквално го искусуваат светот преку мобилен екран. Што останува? Колку поспоени треба да станеме? Единственото нешто нè двои од иднината на blade runner, cyberpunk, ghost in the shell, итн, е интерфејсот – начинот на кој комуницираме со компјутерите и интернетот, и фрекфенцијата со која даваме команди и добиваме одговори. Можеби – можеби токму иднината е таму – сè подлабоко и поинтимно спојување со компјутерите каде интерфејсот станува сè поголем дел од нас. Но, не сметам дека ова е правило на универзумот. Кога ќе размислиме колку различни форми на живот има само на планетава и колку различни форми на живот може да постојат на други планети, во други галаксии – многу е егоистички да претпоставуваме дека сите останати форми на живот би имале исти потреби и тек на развој како нас. 

Марио Савовски | Фото: Лична ахрива
Марио Савовски | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Како ги проценувате сегашните креативни способности на моменталните генератори на сè уште неразвиените до самосвесност обиди за вештачка интелегенција како уметност генерирана од AI? Текстови напишани од AI и друго? 

Искрено? Зачудувачки добри со оглед на тоа колку е „млада“ технологијата. Моралните и етички проблеми околу тренирањето на овие алатки се важна проблематика која мора да се реши. Во моментов големи корпорации користат бази на податоци од уметници, писатели, и луѓе кои не дале нивна согласнот нивниот материјал да се користи за тренирање на ваква технологија, а притоа од истата се прави огромен профит кој оди само кон корпорациите. Комплексна тема е, не верувам дека има правилен одговор во моментов. Едноставно ова е премногу ново за да можеме да процениме какво е влијанието врз креативните индустрии. Многу луѓе сметаат дека ова е само алатка која ќе им даде повеќе креативна моќ на луѓето – еден вид на индустриска револуција во креативниот сектор. И навистина, звучи многу добро – секој да може да си ги изреализира своите креативни желби и соништа. Но, од друга страна, во право се и луѓето кои се загрижени за тоа како се стигнува до таа точка и по чии сонови се „гази“ до таму. Ги разбирам уметниците кои се чувствуваат „ограбено“ во овој процес. Технологијата е навистина неверојатна, и не се сомневам дека за брзо време ќе се отвори цел „пазар“ и платформа за содржини креирани со помош на AI. Исто како што „Јутуб“ им даде можност на „обичните“ луѓе да станат режисери, глумци, да прават видеа и да станат ѕвезди надвор од Холивуд, така и овие АI алатки ќе им дадат можност на обичните смртници да станат уметници, писатели, креатори. Само се надевам дека во тој процес нема да бидат оштетени веќе постоечките уметници и креативци и нивниот придонес во целиот процес ќе биде признаен и награден.

Кои книги, серии, филмови и стрипови ги препорачувате?

Од книги немам нешто „ново“ бидејќи мојата листа за читање ионака е предолга, искрено не се ни обидувам да сум во чекор со најновите изданија од популарни автори. Последните три книги што ги прочитав беа токму трилогијата The First Law од Joe Abercrombie – одлична епска фантазија со маестрално напишани ликови, топло ја препорачувам на сите фанови на епска фантазија. Освен тоа, би ги препорачал и:

  • The Library at Mount Char – Што ако постои библиотека со сето знаење во универзумот?
  • The God Engines – Што ако богови постојат, и луѓето во иднината ги поробуваат и користат како начин на интерпланетарно патување.

Од серии, моментално ја гледам последната сезона од His Dark Materials – одлична адаптација на книгите од Philip Pullman. Исто би ја препорачал „1899“, нова серија од креаторите на германската sci-fi серија Dark. Од полабави серии, ја гледам Only Murders in the Buildings – штосна комедија што комбинира убиствени мистерии со поткаст фамата што ги зафати сите.

Од Филмови – Bullet Train со Бред Пит, The Batman и The Northman ми оставија особено силен впечаток годинава.

А, од стрипови периодов доста читам webtoons на препорака од добар другар, и три што ми оставија особено добар впечаток се Vattu, The Tax Reaper, и Woven.

Бонус – три препораки за игри: Inscryption, It Takes Two, и Blasphemous.