Со „Тело на вистината“ вечерва се отвора 11. Филозофски филмски фестивал

Фото: Исечок од „Тело на вистината“

Филмскиот дел од 11. Филозофски филмски фестивал неофицијално ќе започне вечерва со проекцијата на документарниот филм „Тело на вистината“ (Body of Truth) на Евелин Шелс.

Ова е прв настан „под ѕвезди“ како најава на претстојното 11-то издание на Фестивалот, коешто ќе се одржи од 27 мај до 3 јуни во Кинотеката на Северна Македонија.

Вечерашната проекција e прва соработка на Музејот на современа уметност (МСУ) и Филозофскиот филмски фестивал. Филмот е во рамките на Придружната програма на Фестивалот и е еден од ФФФ Doc. филмовите во Програмата оваа година. Проекцијата е бесплатна (резервации преку Фестивалот) и ќе се одржи под тремот на МСУ, на отворено, со почеток во 20 часот. Пред филмот мало воведно излагање ќе даде д-р Вангел Ноневски (вонреден професор на Филозофскиот факултет).

„Тело на вистината“ води на емотивно патување низ биографиите на четири уметници: Марина Абрамовиќ, Сигалит Ландау, Катерина Зивердинг и Ширин Нешат, кои трансформирајќи ги личните животни искуства на војни, насилство и опресија во земјите од коишто доаѓаат, создаваат провокативни и радикални уметнички дела, коишто покренуваат низа прашања од политичко и општествено значење. Во нивната уметност, главен и најинтимен медиум со којшто се изразуваат се токму нивните тела.

Тие заедно ги претставуваат најголемите конфликти на нашето време. Ширин Нешат од Иран, во егзил, ги истражува разликите во рамките на исламското општество. Марина Абрамовиќ, ќерка на партизани од Црна Гора, повторно ги поставува прашањата за насилството, болката и тагата, како што ги искусува индиректно преку југословенските војни. Германката Катарина Зивердинг го испитува проблемот со фашистичките структури, од ерата на нацизмот па сѐ до Пегида. Израелската уметница Сигалит Ландау создава мотивирана од секојдневниот страв од терор во нејзината непосредна животна околина.