Со селектирање пластика во новите вендинг машини граѓаните ќе добиваат зелени поени и награди

Пластичните шишиња во иднина ќе може да се селектираат во новите вендинг машини, што од денеска се поставени во некои од маркетите низ државата. Граѓаните кои пластичната амбалажа која ја употребиле ја однесат на рециклирање ќе можат да добијат „зелени поени“ кои можат да ги искористат за купување производи, како и за плаќање на општински и јавни услуги.

„Вендинг машините се нова можност за поттикнување на селекција на отпадот. Тие се лесен начин на кој секој граѓанин има пристап за одложување на отпадот и додека пазарува, лесно се применува системот на кауција со што се стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата, а граѓаните добиваат финансиски поттик за одговорното однесување. И најпосле се намалува количината на отпад што завршува на депониите“, вели министерот Нуредини.

Повратните вендинг машини беа развиени од „Пакомак“, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации. Во моментов се поставени три, сите во маркети на Веро во Скопје, а во план е во целата земја да бидат поставени над 300 машини. Од „Пакомак“ велат дека иако во светот веќе одамна постојат различни вендинг машини кои се користат за селекција на пластика, оваа, како македонски производ направен според потребите на локалното население, има пониска цена на производство и на одржување.

Истовремено, придобивката од селектирањето преку нив е наградата која ќе им го олесни животот на граѓаните и ќе ги поттикне да го селектираат отпадот почесто.

„Повратните вендинг машини се голем тренд во светот, особено во општествата каде се става поголем фокус на селектирањето и рециклирањето на отпадот. Меѓутоа, уникатноста на машините на ‘Пакомак’ е во системот за повратни поени кои ги добива секој кој го одложува отпадот во нив, кои ние ги нарековме ‘зелени поени’. Во зависност од тоа колкава количина на отпад ќе одложите, толку поени ќе добиете, а потоа ќе може да ги искористите за плаќање сметки, јавни услуги или за шопинг. На граѓаните преку зелените поени им се враќа реална вредност на материјалот кој го селектираат, колку што би добиле секаде во светот. Ова не е класичен депозитен систем како во некои земји, каде граѓаните ги добиваат назад своите пари кои ги дале кога го купиле производот. Преку овој систем, стотина илјади евра би се вратиле на оние граѓани кои имаат совесен пристап кон селекција на отпадот“, изјави Филип Ивановски, генерален директор на „Пакомак“.

Амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер посочи дека оваа земја активно ја поддржува Северна Македонија во борбата против климатските промени, и токму затоа уште од самиот почеток ја препознале вредноста и важноста на проектот поставување вендинг машини.

„Сметаме дека можноста за селективно одложување на отпадот треба да биде подостапна за граѓаните, посебно во урбаните средини, а вендинг машините токму тоа го овозможуваат. Немаме друга алтернатива освен сите ние, со свој придонес да се приклучиме кон грижата за животната средина. Го поддржуваме овој проект, и истовремено ги повикуваме сите да ни се приклучат“, изјави амбасадорката Зутер.