Со конференција заврши проектот „Шемата на ЕУ за млади професионалци од Западен Балкан“

Британскиот совет одржа онлајн регионална конференција на 21 и 22 јули, со која беше означена завршницата на „Шемата на Европската унија за млади професионалци од Западниот Балкан“.

Учесниците на оваа конференција – млади државни службеници од државите на Западниот Балкан, како и претставници од делегациите на Европската унија и министерствата дискутираа за клучните постигнувања на проектот во врска со регионалната соработка на државните служби, во контекст на процесот на пристапување кон ЕУ.

Во текот на конференцијата беа презентирани регионалните и националните истражувачки проекти за развој на ново лидерство во државните администрации на државите од Западниот Балкан, задржување на кадрите, функционирање за време на пандемијата на ковид-19, дигитална трансформација и модерни предизвици и можности за ефективно управување со јавните служби.

„Крајната цел на секоја добра и функционална јавна администрација е да понуди подобри услуги за граѓаните и деловната заедница. Транспарентната, отчетна и одговорна јавна администрација обезбедува поволни услови за економски развој и создавање нови работни места и е од клучна важност за придвижувањето на целиот регион во вистинската насока кон Европската унија. Упатувам честитки до 90-те државни службеници кои ја завршија програмата до сега. Со голема радост ги очекувам следните нови генерации на државни службеници кои ќе бидат дел од програмата во следната 2021 година,” изјави Женовева Руиз Калавера, Директорка за Западниот Балкан во рамки на Генералниот директорат на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување за Западниот Балкан.

Наодите од овие истражувања ќе бидат споделени со претставниците од државните администрации од Западниот Балкан, со цел да се подобри и зајакне соработката. На конференцијата беше презентирана и онлајн платформата наменета за младите државни службеници од државите од Западниот Балкан, која беше изработена во текот на самиот проект.

Во рамки на Шемата за млади професионалци, финансирана од страна на ЕУ и
имплементирана од Британскиот совет, почнувајќи од октомври 2016 година, 90 млади државни службеници од Западниот Балкан, во рок од две недели ги посетуваа  едукативните програми на Институтот за политички студии (Sciences Po) во Париз и на Европскиот колеџ во Бриж и спроведоа регионална размена во шесте главни градови. Во текот на регионалната размена, тие анализираа повеќе различни аспекти поврзани со агендата за проширување на ЕУ.