Вкупно 345 медиуми – телевизии, радија, печaтeни и онлaјн медиуми – ќе учествуваат во трката за поделба на 3,6 милиони евра јавни пари предвидени за платено политичко рекламирање на партиите од власта и опозицијата. На престојните парламенатни избори планирани за 12 април годинава, власта и опозицијата, во лов на гласови преку огласување во медиуми, на пола ќе поделат над 3 милиони евра. За истата намена, помалите партии од власта и опозиција ќе добијат десет отсто од вкупната сума, или околу 360 илјади евра.

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, вели дека согласно последните законски измени, околу еден милион евра е планирано за време на изборната кампања партиите да ги искористат на политичко огласување во порталите, додека другите пари ќе се потрошат за политичко огласување во радиодифузните и печатените медиуми. Иако бројот на порталите што преку ДИК го нудат нивниот рекламен простор на партите за политичко огласување се зголемил за три пати во споредба со ланските претседателски избори, сумата за огласување во порталите е ограничена на една четвртина од вкупната сума. За претседателските избори за парите на партиите за огласување се натпреваруваа 73 портали, а сега, за парламентарните, тој број се зголеми на 233, меѓутоа максималниот износ што може да заработи еден портал од носител на кандидатска листа по оваа основа  е ограничен на 15 илјади евра.

Во ДИК тврдат дека ново пријавените портали се формирани непосредно пред распишувањето на предвремените избори и затоа во јавноста се појави сомнеж дека овие јавни пари можат да се злоупотребат од страна на партиите. Се стравува дека преку такви портали што никнуваат како печурки после дожд, партиите можат да ги исперат парите предвидени за политичко огласување за изборна кампања, иако тоа не се исклучува да се случи и кај другите видови медиуми.

За реклами на партиите во ДИК се регистрирани и портали со интересни имиња, како dodajgas.mk, tirekovmirece.com, dribling.mk или apla.mk. Во овој регистер на портали влегуваат и сите сајтови на другите медиуми, телевизии и радија од национално, регионално и локално ниво, како и сите печатени медиуми – дневни весници, неделници и други. Со тоа радиодифузерите и весниците по повеќе основи ќе се обидат да влечат пари од кандидатските листи.

Друго прашање што го покренаа новинарските и медиумските организации е кредибилитетот на овие онлајн медиуми и можноста тие да бидат злоупотребени од партиските штабови за ширење на дезинформации и говор на омраза. Во Советот за етика во медиуми регистрирани се околу 100 портали, додека во ДИК се пријавени над 233, што значи дека двојно побројни се порталите што ќе ловат партиски пари за политичка пропаганда од оние што се членки на СЕЕМ. Првите не се обврзани на почитување на новинарска етика при известување за изборната кампања, додека професионалните портали, ако ништо друго, декларативно се приврзани на почитување на основни новинарски стандарди во известувањето.


Освен почитување на професионалните стандарди, членките не СЕЕМ имаат и транспарентно сопствеништво, објавуваат импресум, објавените текстови се потпишуваат од автор, а доколку тие се преземени од други медиуми тоа се наведува, во согласност со Законот за заштита на авторски права. Некои од новите портали регистрирани во ДИК се дури непристапни, а други имаат оскудни текстуални содржини, но случајно или не, немаат вметнато датум на објава.

„Главната цел за креирањето на овој Регистар е да придонесе да се поттикне процесот на професионализација во работењето на онлајн медиумите, а со тоа и подобрување на нивниот кредибилитет, како и препознавање на оние кои ги почитуваат стандардите наспроти неетичките кои го нарушуваат угледот на професионалните онлајн медиуми“, велат од Здружението на новинари на Македонија и Советот за етика во медиумите.

Дерковски објаснува дека ограничувањата во поделбата на средствата се воведени со цел да се намалат шансите партиите преку порталите да ги исперат парите наменети за медиумска пропаганда. Посебни услови за пријавување нема, доволно е порталите да достават тековна сметка не по стара од 30 дена и ценовник, кој можат сами да го креират.

„Досега единствена добра работа што се случи со овие измени на Изборниот законик е што се ограничи квантумот на средства што ќе се трошат за медиумиски кампањи, 110 денари за секоја кандидатска листа по запишан избирач. Досега немаше такво ограничување и можеше десет кандидатски листи да се јават и износите да бидат ите како високи“, изјави Дерковски во дебата на „Телма“.

Друга законска измена што се направи непосредно пред распишување на изборите се однесува на заострување на критериумите за утврдување на цените за рекламирање во радиодифзните медиуми. Сега тие нема да можат да ги менуваат ценовниците непосредно после одлуката за распишување на редовни или предвремени избори, практика што била забележена лани на последните претседателски избори.

Инаку, платено политичкото огласување во радиодифузните медиуми во најголем број на европски земји е забрането. Во 2018 година Здружението на новинари на Македонија објави компаративна анализа за политичко огласување во медиуми, која се повикува на резултатите од компаративната анализа на ЕПРА од 2006 година и пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбург за случајот „Бранители на животните Интернационал v. Обединетото Кралство“ од 2013 година. Анализата покажува дека политичкото огласување е забрането во 11 западноевропски земји (Белгија, Данска, Франција, Германија, Ирска, Малта, Норвешка, Португалија, Шведска, Швајцарија и Обединетото Кралство), како и во две земји од Источна Европа (Чешка и Романија). Од земјите од Западна Европа, политичко огласување дозволува Австрија, Финска и Холандија. Платеното политичко огласување е дозволено во шест земји од Централна и Источна Европа – Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Македонија, Полска како и во трите балтички земји.

Европскиот суд во 2013 година решавајќи за случајот „Бранители на животните Интернационал v. Обединетото Кралство“  ја прифати одлуката на британските власти за забрана на политичко огласување во радиодифузните медиуми со објаснување дека со тоа се спречува „ризикот од изобличување“ на јавната дебата од страна на финансиски моќни групи на кои им е даден привилегиран пристап до политичкото огласување; поради моќно влијание на радиодифузните медиуми и затоа што постои ризик од злоупотреба.

Судот смета дека забрана од Велика Британиија го штити плурализмот во аудиовизуелниот сектор.

„Без плурализам нема демократија и поради самата суштина на демократијата е важно да се овозможи да се дебатира за различните политички програми, под услов тоа да не му наштетува на самиот демократски процес“, се истакнува во анализата и се додава дека доколку на моќна економска или политичка група ѝ се дозволи да добие доминантна позиција во аудиовизуелните медиуми, постои ризик таа на тој начин да врши притисок врз радиодифузерите и да ја загрози нивната уредувачка слобода, односно да ја поткопа фундаменталната улога на слободата на изразување во демократското општество.

Освен тоа, судот потсетил дека ризикот да се загрози плуралистичката јавна дебата не се однесува само за време на изборни периоди, иако тогаш е можеби најакутен, бидејќи „демократскиот процес треба континуирано да се негува во кој било период преку слободна и плуралистичка јавна дебата“.

Актуелната влада ги забрани владините кампањи, но во договор со опозицијата воведе платено политичко рекламирање во медиуми со јавни пари за време на изборна кампања. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во последното интервју за „Мета.мк“, тврди дека нема никаква врска меѓу владиното рекламирање и политичкото рекламирање за избори воведено од 2018 година.

„Ќе ве потсетам и дека во периодот од 2008 до 2015 година вкупно 14 милиони евра се доделени на шест маркетинг агенции. Во овие 14 милиони евра не се вклучени средствата за субвенции за производство на програми“, тврди Манчевски.

Според него, субвенциите за 2017 година изнесувале 31 милион денари, за што претходната влада одлуката ја донела во период кога не бил завршен изборниот процес.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.