fbpx

Снимка од апсење во Украина лажно прикажана како мобилизација

Клип на Фејсбук е проследен со невистинит опис дека прикажува мобилизација по улиците на Украина, а се работи за фаќање на криминална група и нејзини клиенти, кои ѝ платиле за превоз до молдавската граница и за помош при нејзиното илегално преминување, со цел да ја избегнат мобилизацијата

-

Клип на Фејсбук е проследен со невистинит опис дека прикажува мобилизација по улиците на Украина, а се работи за фаќање на криминална група и нејзини клиенти, кои ѝ платиле за превоз до молдавската граница и за помош при нејзиното илегално преминување, со цел да ја избегнат мобилизацијата. Така настанот го опишуваат не само украинските медиуми, туку и руските како ТАСС и РИА Новости. Како и секоја жртва на агресија, Украина врши мобилизација, при што забранува излез од државата на мажи на возраст од 18 до 60 години, но секогаш има поединци кои тоа го избегнуваат, како и криминалци кои наплаќаат за помош на тој план, што секоја држава би го спречила, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук прикажува клип проследен со следниве зборови:

Украина мобилизација на улица

Авторот на објавата не нуди никаков извор или доказ за своето тврдење и не забележал дека во клипот не е прикажана нејзината регрутна служба ТЦК, туку на грбот на униформираното лице, кое стои сосема лево на почетокот на клипот, има натпис:

Державна прикордонна служба

ПОРВ (Прикордонне оперативно-розшукове відділення) Кодима

Превод од украински:

Државна погранична служба

ПОИВО (Погранично оперативно-истражно одделение) Кодима

Во клипот гледаме и натпис „ДПСУ“, што е кратенка за веќе споменатата „Державна прикордонна служба України“. Што е за право, натписите во клипот се малку нечитки заради неговиот слаб квалитет, но има и малку подобри верзии како на овој линк.

Тука не станува збор за мобилизација, туку за фаќање на криминална група и нејзини клиенти, кои ѝ платиле од 5 до 10 илјади долари за превоз до молдавската граница и за помош при нејзиното илегално преминување, со цел да ја избегнат мобилизацијата. Настанот се случил на 21.6.2024 г. околу 14 ч. меѓу селата Обжиле во Одеската област на Украина и Плопи во Рибницкиот реон на Молдавија, а во близина е и веќе споменатиот град Кодима. Превозот бил со 4 минибуси, следени од автомобил, но криминалците и нивните клиенти биле сопрени и не ја оствариле својата цел. Бројот на приведени во оваа акција е рекорден за вакви случаи: 7 криминалци и 47 нивни клиенти.

Податоците за настанот ги објави украинскиот новинар и локален политичар Виталиј Глагола, а тоа го пренесоа украинските медиуми: УНИАНТСНКоротко про24 канал5 канал и др., но и руските: ТАССРИА НовостиРосијскаја газета и Аргументи и факти.

Дури ни руските медиуми, кои се познати по лажните вести, не отишле дотаму тоа да го прикажат како „мобилизација по улиците на Украина“.

Присилна мобилизација во случајов нема, затоа што тоа не била целта на акцијата, ниту неа ја извршиле ТЦК, а и не сите приведени можат да бидат мобилизирани. Согласно законот, во ТЦК ќе бидат предадени само оние, за кои има потерница за нарушување на воената евиденција, на пример ако игнорирале покана од ТКЦ, но некои од нив можеби не ја ни добиле. Каква е приказната на секој од приведените ние не знаеме.

Што се однесува до собирање на луѓе од улици и нивно носење во војска, тоа е недозволиво, но Украина не е средена држава (таа е 10 години во војна и не може да биде средена), па, за жал, такви ексцеси не недостасуваат. Претседателот на Украина тоа го осуди и тоа е дури и предмет на истраги и апсења (примери: тука и тука). Согласно законот, принудно спроведување до ТКЦ може да врши само полицијата (со помош на ТКЦ) и тоа само ако за граѓанинот има потерница за нарушување на воената евиденција. Но, во случајот за којшто сега говориме воопшто не се работи за грабање луѓе по улици, туку за нешто друго, што веќе беше објаснето. Инаку, делење на покани по улици е дозволено.

Тука има и еден детаљ, којшто медиумите го превидуваат, а тоа е дека ова се случило крај границата со меѓународно непризнатата Приднестровска Република. Тоа е молдавска територија, но таа е де факто контролирана од проруски сепаратисти. Ако избегнувачите на мобилизацијата свесно ја одбрале таа дестинација, случајот добива поголема тежина и е на праг на предавство, но ние не ја знаеме целосната приказна. Можеби дестинацијата била одбрана само затоа што таму полесно може да се мине границата. Како и да е, она што со сигурност го знаеме е дека ова не била акција за мобилизација.

Како било планирано преминувањето на границата не е наведено, но медиумите споменуваат претходни случаи со движење преку шуми и планини или преку реки со гумени чамци, а имало дури и сокривање во камион со жито.

Земајќи го  предвид сето досега наведено, оценуваме дека во објавата што ја рецензираме е погрешна односно невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Животна приказна за американскиот бизнисмен Фигерс, претставена како да е од С. Македонија

Објавата е манипулативна и не остава впечаток дека говори за животот на познатиот американски бизнисмен Фреди Фигерс. Истата е конструирана на таков начин што делува како да пренесува приказна...