Скринингот досега не откри позитивни средношколци на ковид-19 во Скопје

Извор на фотографија: Фејсбук страница на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“

Во средното училише „Зеф Љуш Марку“ како и во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ не е регистриран ниеден позитивен асимптоматски случај на ковид-19 меѓу учениците. Со скринингот за ковид-19, беа опфатени 68 ученици од „Зеф Љуш Марку“ и 95 ученици од средното медицинско училиште. На тестирањето му претходеше обезбедување писмени согласности од родителите, чии деца беа тестирани.

Скрининг на учениците ќе биде спроведен во уште седум средни училишта во Скопје, а во текот на денешниот ден ќе бидат тестирани вкупно 258 средношколци. Тестирањето продолжува и во општините Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и во Центар Жупа.

Со скринингот ќе бидат опфатени 8.200 основци и средношколци во државата. Училиштата имаат обврска да обезбедат посебна просторија каде што според протоколите на здравствените лица, не смеат да влегуваат надворешни лица. Ако некој од учениците има позитивен резултат од брзиот тест, тој веднаш ќе биде препратен на ПЦР тестирање.