Министерството за здравство обезбеди 12 возила за Итна медицинска помош, при што, шест од нив ќе бидат распределени во Скопје, а за другите шест не се знае во кои градови.

Ниту деловникот за работа на Итната помош, ниту пак Министерството за здравство ги имаат дефинирано критериумите според кои се распределуваат возилата низ градовите. Од друга страна, постои значајна разлика во бројот на амбулантни возила по глава на жител што ги имаат другите градови пренесува „Порталб.мк“.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека возилата ќе бидат распоредени таму каде што е потребно, но не наведе како ќе се дефинираат „потреби на градовите“, бидејќи со Правилникот не се предвидува такво нешто.

„Шест други возила ќе бидат распределени низ целата земја, во здравствените домови каде што има поголема потреба. Возилата не може да се заменат одеднаш, ќе треба постепено да се реши, и следната година, со набавката на овие возила ќе добиеме и соодветен кадар таму каде има потреба“, рече Филипче.

Запрашан од „Порталб.мк“ за критериумите за распределба, Филипче првично рече дека ќе биде направено во согласност со моменталната состојба на возилата, но подоцна изјави дека распределбата ќе се врши откако ќе ги прашаат здравствените центри за тоа, кој колку има потреба.

„Да бидеме реални, има здравствени центри, кои велат дека немаат потреба за возила“, рече Филипче.

И со новата набавка, нема да се подобри сегашната ситуација во Македонија, при што во понаселените градови имаат мал број на возила за Итна медицинска помош, додека во помалку населените имаат поголем број на возила.

Во Скопје со над 800 илјади жители во служба се 13 возила, во Кочани со над 38 илјади жители има 10 возила. Кичево има над 52 илјади жители, што е повеќе од Кочани, но има само четири возила на Итна помош. Меѓу поголемите градови се Гостивар и Струмица, но тие имаат само по две возила, иако тие имаат само по три илјади жители помалку од Кочани.