fbpx

Шукова по повод Денот на планетата Земја: Младите генерации се главни актери во промените за квалитетен живот

Министерката Каја Шукова го истакна значењето на ГЛОБЕ програмата за заштита на животната средина и едукацијата на младите генерации, кои се главни актери во промените за квалитетен живот и одржлива и зачувана животна средина.

-

Министерството за животна средина и просторно планирање денес го одбележа 22 Април, Денот на планетата Земја, со изложба на постер презентации изработени од ученици кои посетуваат настава во училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата.

На настанот, претставници од Министерството ги запознаа присутните ученици со работата на државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух и говореа за придобивките од редовното следење на квалитетот на медиумите од животната средина.

Во своето обраќање, министерката Каја Шукова го истакна значењето на ГЛОБЕ програмата за заштита на животната средина и едукацијата на младите генерации, кои се главни актери во промените за квалитетен живот и одржлива и зачувана животна средина.

„Треба постојано да се зборува за животната средина, бидејќи кога ќе го научите детето од најмало дека треба да ја вреднува животната средина, тоа ќе го практикува наученото“, рече Шукова.

Министерката, во изјава за медиумите, потсети на иницијативата „Зелен пакет“ која претходно беше промовирана во земјава и ја посочи како добар пример кој треба да биде следен од страна на институциите во иднина. Таа изјави дека мора да се вклучи во образовниот процес и дека сите институции, особено Министерството за образование и наука, треба да ги вклучуваат децата во своите програмски активности за да ги научат повеќе за животната средина и да ги потсетуваат сите нас да се грижиме за заштитата на околината.

„Во оваа држава се направени материјали во однос на заштита на животната средина, не знам колку се сеќава јавноста, но во годините наназад имаше и беше промовиран „Зелен пакет“ за животна средина кој дава многу добри информации за децата и мислам дека треба да се вклучи секако во образовниот процес, но секако и сите институции особено Министерството за образование и наука, кое најактивно работи теми од животната средина, а секако и единиците на локалната самоуправа, како дел од нивните надлежности за заштита на животната средина треба во своите програмски активности постојано да ги вклучуваат децата за да можат што повеќе да научат за животната средина и потоа и сите нас да не потсетуваат дека треба да се грижиме за заштитата на животната средина“, рече Шукова.

На настанот беше доделена опрема на 18 училишта, вклучени во ГЛОБЕ програмата, заедно со четири комплети за градинарство за најактивните училишта во 2022 година. ГЛОБЕ програмата е меѓународен проект за заштита на животната средина, кој вклучува ученици од над 38.000 училишта од 127 земји.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По одлуката за повисоки плати на УКИМ и професорите на останатите јавни универзитети бараат повисоки плати

Вработените во Универзитетот во Тетово денеска излегоа на протест поради непотпишувањето на Колективниот договор од страна на Собранието за зголемување на платите како на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“....