„Шанса за Центар“ мапираше јавни објекти како загадувачи, само во Скопје се повеќе од 100

„За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме“, реагираат од граѓанската иницијатива

Извор: „Шанса за Центар“

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ мапираше јавни објекти низ целата земја на нивната мапа на загадувачи. Само во Скопје пронашле повеќе од 100 јавни објекти кои го загадуваат воздухот со користење на нафта и мазут, иако во главниот град има централно парно греење.

Од „Шанса за Центар“ потенцираат дека ако не сакаме да дишеме воздух кој светските медиуми го опишуваат дека „мириса на изгорена пластика“, сега е шансата да се направи промена.

„Се подготвува новиот државен буџет за 2024 година што е можност да се обратите до пратениците од секоја изборна единица и заедно да притискаме за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот! И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти“, стои во соопштението од „Шанса за Центар“.

Од граѓанската иницијатива потсетуваат дека годинава не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Ова значи дека тие објекти ќе продолжат и зимава да го загадуваат воздухот.

„Шанса за Центар“ само во Скопје мапираше над 100 јавни објекти – болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи кои користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење. По скопското мапирање, продолживме со обележување на такви објекти низ цела Македонија. Најдовме близу 700 такви објекти“, велат од „Шанса за Центар“.

Во незавидна состојба не се наоѓаат само граѓаните на Скопје, туку и на Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар и други населени места.

„За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме“, реагираат од граѓанската иницијатива, додавајќи дека за нив државата и општините ќе платат над 20 милиони евра само за една грејна сезона.