фото: МТСП

Развојот на интелектуална љубопитност, истрајностa, социјалните вештини и емотивната стабилност во текот на детството се подеднакво важни за успехот на децата во доживотното учење, социјалната интеграција, личниот развој и подоцна, при вработувањето. Ова го посочи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешниот завршен настан за постигнатите резултати од проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“.

Целите на овој проект од значење на ромската популација, беа: отстранување на бариерите за пристап до предучилишни установи на децата Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија и нивна социјализација и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието.

Шахпаска информираше дека во изминатите 15 години од имплементацијата на проектот, во него бесплатно биле вклучени околу 5.000 деца Роми од 20 општини, а за таа цел биле ангажирани 20 негувателки-Ромки, како и 17 медијатори во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим.

„Ромските деца не се сместени во сегрегирани групи во градинките, туку во интегрирани, заедно со другите заедници во Северна Македонија. Ова е уште еден доказ дека градиме општество еднакво за сите“, истакна министерката.

Проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“ во учебната 2020-2021 година беше имплементиран во 20 општини, беа опфатени 120 деца, бројка која ќе беше далеку поголема, ако не беше ковид пандемијата.

„Она што во 2006 година започна како проект, денеска е една успешна јавна политика. Образованието е клучен предуслов за целосна интеграција и инклузија на ромската популација“, истакна директорот на Ромскиот едукативен фонд, Реџепали Чупи.

Соработката со Ромскиот Едукативен Фонд и имплементацијата на овој проект продолжува и оваа учебна година, 2021/2022, со вклучување и физичко присуство на 400 деца Роми.