Сервисот за запознавање партнери на Фејсбук станува достапен и во Европа

Фото: amrothman на Pixabay

Од денес на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук во Европа им е достапна новата фунцкија на апликацијата за запознавање на потенцијални партнери. „Фејсбук Дејтинг“ (Facebook Dating) ќе биде конкурент на Тиндер и на останатите слични апликации за запознавање.

Оваа нова услуга на Фејсбук во Европа ги нуди истите функции што досега ги имаше во САД, каде беше лансирана пред повеќе од една година. Корисниците кои имаат профил на Фејсбук ќе можат да ја користат оваа социјална мрежа за да запознаваат потенцијални партнери.

„Денес, го лансираме Фејсбук Дејтинг во Европа за да им помогнеме на што повеќе луѓе да најдат значајни врски преку работите кои им се заеднички, како нивните интереси, настани и групи. Од лансирањето на Фејсбук Дејтинг, регистрирани се повеќе од 1,5 милијарди спојувања во земјите каде оваа функција е достапна“, стои во известувањето на Фејсбук.

„Фејсбук Дејтинг“ им овозможува на корисниците да креираат профили наменети исклучиво за запознавање, одделно од нивните досегашни профили, доколку самите корисници не прифатат поинаку. Помеѓу главните карактеристики на новата услуга на Фејсбук е можноста да се пронајдат луѓе со слични интереси, како и споделување слики и приказни на профилот и опцијата за видео повик наречена Виртуелен Состанок (Virtual Dates). Сервисот за запознавање засега е достапен само преку мобилната апликација на Фејсбук.

Фото: Facebook

Првично, оваа фунцкија беше планирано да стане достапна во европските земји на денот на вљубените, 14 февруари, но датумот беше одолжен за подоцна годинава.

Во февруари во неколку европски држави се појави загриженост за тоа како новата услуга за запознавање ќе ги обработува податоците на европските корисници, што подоцна доведе до интервенција од страна на Ирската комисија за заштита на податоците. Компанијата Фејбук прифати да го одложи воведувањето на оваа функција под притисок на регулаторите во Ирска, кои тврдеа дека Фејсбук не обезбедил соодветно и навремено известување за лансирањето на новата услуга, ниту пак целосна документација за начинот на кој истата ќе функционира. Сите компании кои лансираат услуги за запознавање од ваков вид се подложни на дополнителна проценка според препораките на Општата регулатива за заштита на податоците на Европската Унија.

Со решавањето на овие пречки, функцијата за запознавање партнери на Фејсбук сега е достапна во речиси сите европски држави. Но, „Фејсбук Дејтинг“ сè уште не е достапна за корисниците во Северна Македонија.

Фејсбук продолжува да се проширува во различни области на животот на корисниците и покрај антимонополската истрага која и се заканува на компанијата.