Само за една година, или во 2018 во однос на 2017 година бројот на живородени деца во земјава е намален за 421, а статистиките покажуваат дека овој тренд се одржува од 2014 година. Во исто време се намалува и бројот на запишани ученици во основното и во средното образование. Според експертите, причините за негативниот природен прираст треба да се бараат во намалениот наталитет и незапирливиот тренд на иселување, особено неповратното напуштање на земјава. Порталб во две тематски продолженија ќе ги анализира демографските податоци за состојбата со природниот прираст и со бројот на ученици – параметри преку кои може да се долови сликата за состојбата на ниво на државата.

Општини со поголем број на родени деца во странство, отколку во земјава..

Во период од само две години, во земјава бројката на живородени деца е намалена за повеќе од 1 600 , а на ниво на државата во првото тромесечје од годината е регистриран негативен природен прираст, што значи дека борјот на живоредени деца е помал од бројот на починати лица.

Според државниот Завод за статистика, во првиот квартал од 2019 година во споредба со истиот период лани, бројот на живорoдени деца е намален за дури 13,3%. Експертите велат дека ваквата состојба веќе станува хроничен проблем, а причините треба да се бараат во намалениот наталитет и се поинтенизвното иселување.

“Бројот на живородени деца во 2018 година во однос на 2016 година е намален за       1.669. Ако се анализираат податоците по региони или општини, тие се многу дискутабилни. Во пет од осум региони и во 47 општини во државава има појава на негативен природен прираст на населението како последица на намалениот наталитет. Сметам дека во бројот на живородени деца во земјава силно влијание има иселувањето од земјава, а тоа може најлесно да се забележи преку податоците за живородените деца во странство. Така на пример, има општини каде бројот на живородени деца во нив е помал отколку бројот на живородени деца во странство кои поттекнуват на соодветната општина, а такви се Маврово, Ростуше и Центар Жупа. Во поголем број општини има висок процент на живородени во однос живородените во општини кои се поголеми и поразвиени во земјава. Такви се општините Ново Село, Кичево, Виница, Македонска Каменица, Босилово, Василево, Конче, Радовиш. Истовремено е намален бројот на деца во семејствата каде нема проста репродукција бидејќи се раѓаат помалку од две деца“ – објаснува аналитичарот за демографија Дочно Герасимовски.

Само два плански региони со повисок наталитет во однос на морталитет …

Состојбите во негативниот природен прираст  се регистрирани и од државната статистика.

“Бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2019 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 13.3 % и изнесува 4 555 живородени деца. Бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2019 година бележи зголемување од 3.7 % во споредба со истото тримесечје од 2018 година и изнесува 5 631 лице, а од нив 23 се умрени доенчиња. Природниот прираст е негативен и изнесува -1076, што значи за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица“ – соопштуваат од Заводот за статистика.

На ниво на Скопје статистиката во првиот квартал регистрираше негативен природен прираст , односно бројот на умрени во однос на бројот на живоредени деца е поголем за 60, а од вкупно десет скопски општини, во пет има негативен природен прираст.

Општини со позитивен природен прираст ( I квартал 2019 година) :

Бутел 12, Росоман 2,  Чаир  38,  Шуто Оризари  36, Арачиново  19,  Врапчиште  1, Дебар 15, Долнени 9, Желино  21,  Зелениково  4, Карбинци 1,  Липково 48, Петровец 10, Пласница 5, Сопиште 15, Студеничани 70, Теарце 11, Тетово 87 и Чучер – Сандево 12.

Во апсолутни бројки, најмногу живородени деца во првото тромесечје се регистрирани во Скопје 1 333, Битола 174, Велес 106, Куманово 248, Охрид 129,  Прилеп 153, Тетово 248, Стрмица 152. Но, во исто време, во сите овие градови-општини (освен Тетово) регистриран е негативен природен прираст односно борјот на живородени е помал од бројот на починати лица. Еден од примерите за подлабок негативен природен прираст е Прилеп каде во првиот квартал се родиле 153 живоредени деца а во истиот период починале 285 лица. Слична е состојбата и во Куманово, живородени 248 деца, а починати 298 лица, во Демир Капија биле живордени само 5 деца, а починале 20 лица, во Битола во анализираниот период биле регистрирани 174 живородени, а починале 325 лица.

Според региони, само во два, во Полошкиот и во Севереоисточниот е регистриран повисок наталитет во однос на морталитет, додека во останатите шест региони во земјава во 2018 година бил забележан негативен природен прираст.