Македонија до 2070 година ќе биде тажна држава со старо население

Најлошото сценарио за Македонија, според публикацијата на ДЗС, е онаа на константни вредности, каде се прави проекција на база на досегашното ниво на фертилитет, морталитет и миграции. Според оваа варијанта државава би имала 1,52 милиони жители во 2035 година, 1,09 милиони жители во 2050 и само 501 илјада жители во 2070 година

Фото: Порталб.мк

Зголемени миграциски движења, низок ферилитет и напреднат процес на стареење на населението. Вакви се прогнозите во најновата, обемна, публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС), во која се направени проекции за бројот на населението во државава, според неколку различни сценарија. Во публикацијата се даваат загрижувачки податоци во однос на иднината на државата кога станува збор за демографските движења.

Според анализата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, населението до крајот на проекцискиот период – до 2070 година – би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции), односно до енормно намалување на населението од 1,3 милиони лица.

„Истовремено, остварувањето на варијантите кај кои е претпоставено изостанување на надворешни миграции, со умерено зголемување на нивото на фертилитет, како и континуирано и релативно интензивно намалување на смртноста, би резултирало со намалување на населението за „само“ 346 илјади лица или за една петтина (19%) во однос на почетокот на проекцискиот период“, пишува во анализата.

Најлошото сценарио за Македонија е онаа на константни вредности, каде се прави проекција на база на досегашното ниво на фертилитет, морталитет и миграции. Според оваа варијанта, земјава би имала 1,52 милиони жители во 2035 година, 1,09 милиони жители во 2050 и само 501 илјада жители во 2070 година. Сепак, треба да се напомене дека оваа варијанта е тешко веројатно дека би се случила, најмногу поради тоа што многу веројатно е дека старосниот век на луѓето во иднина само ќе се зголемува со развојот на медицината и здравствената заштита.

„Резултатите од проекциите укажуваат на голема извесност дека Република Северна Македонија и во наредниот половина век ќе остане подрачје со негативен природен прираст. Имено, поаѓајќи од наследените структури на населението по возраст и по пол, остварувањето на претпоставките за идните трендови на фертилитетот, морталитетот и миграциското салдо, би имале како директна последица континуирано поголем број на умрени лица од бројот на живородени деца, односно континуиран негативен природен прираст и тоа во случај на реализација на која било проекциска варијанта“, се вели во анализата.

Се претпоставува дека во првата половина на проекцискиот период, намалувањето на смртноста ќе биде поинтензивно кај женското население, а потоа нешто поинтензивно кај машкото. Со тоа, разликата во должината на очекуваното траење на животот при раѓањето кај жените и кај мажите, од 4,5 години во 2022 година (78,4 кај жените и 73,9 кај мажите), до 2040 година би се зголемила на 5,1 година (84,1 кај жените
и 79,0 кај мажите).

Македонската официјална статистика поради нецелосното регистрирање на отселувањата и доселувањата, не располага со податоци врз основа на кои би можело прецизно да се одреди бројот на отселените од, и доселените во, Република Северна Македонија, односно точно да се утврди годишното миграциско салдо на надворешните миграции.

Според можните проекции, во 2031 година, годишниот број на отселени би го надминал за 21,2 илјади бројот на доселените. За наредните две децении е претпоставено дека ќе се случува забавување на иселувањето од земјата, односно намалување на негативното миграциско салдо, што во 2054 година би резултирало со изедначување на бројот на емигранти и бројот на имигранти, односно со нулта миграциско салдо. Таквите промени би биле условени не само од економски и политички причини, туку и од фактот дека популациски малубројната и демографски длабоко остарена Северна Македонија би располагала со значително мал емиграциски потенцијал.

„По достигнувањето на нулта миграциско салдо, од средината на 2050-тите па сè до крајот на проекцискиот период, би продолжило поинтензивно зголемување на разликата помеѓу бројот на доселените и отселените лица, што би резултирало со позитивно и континуирано растечко миграциско салдо. За последната година на проекцискиот период (2070), претпоставено е дека вкупното позитивно миграциско салдо во земјата би го надминало бројот од 6000 лица“, се вели во извештајот.

Светскиот извештај за миграции за 2020 година ја вброи Македонија меѓу 20-те држави со највисока стапка на иселување. Според предвидувањата на експертите, се очекува оваа тенденција да продолжи.

„Со намалувањето на работоспособното население се зголемува товарот врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем. Во болниците сѐ помалку здравствени работници ќе треба да се грижат за што повеќе пациенти. Ќе се намалува бројот на деца во градинките, сѐ помалку ученици и студенти ќе има во има во училиштата и на факултетите.Понудата на пазарот на труд ќе се намалува, а економијата ќе стагнира. Освен ако не успееме навреме да ги сопреме овие трендови“, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, додавајќи:

„Целта на проекциите не е да не турне во апатија, туку да нѐ освести“.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи смета дека проекциите укажуваат дека трендот ќе продолжи, а миграцијата ќе биде присутна и по влезот во Европската Унија, како што е случај и кај сите останати земји.

„Треба да сме реални, сите да понесеме одговорност за тоа што донело за оваа состојба и за носење храбри одлуки во иднина“, вели Битиќи.