СДСМ прогласи победа во скопски Центар и во Аеродром, во Велес и во Битола

Кандидатот за градоначалник на Велес од СДСМ, Аце Коцевски, прогласи победа на локалните избори, а според партиски извори, извесна е победата на СДСМ и во Битола, Берово, скопската општина Бутел, Валандово, Гевгелија, Делчево и во уште неколку помали општини.

Победа во првиот круг прогласи и Саша Богдановиќ, кандидатот за градоначалник на СДСМ во скопската општина Центар, кој рече дека ваквиот резултат бил очекуван.

Коцевски на прес-конференцијата изјави дека граѓаните на Велес го направиле вистинскиот избор и истакна дека со победата на овие избори е исправена историската неправда од претходните изборни циклуси, кога, како што рече, победата му била украдена.

– Изборите беа и поминаа. Ќе бидам градоначалник на сите граѓани и нема да правам никакви разлики по партиска или друга припадност на граѓаните – рече Коцевски.

На прес-конференцијата во седиштето на СДСМ, Ивана Туфегџиќ ги соопшти резултатите за дел од општините според податоците на партијата за повеќе од половина преброени гласови.

Според СДСМ, извесна е победата уште во првиот круг на нивниот кандидат за градоначалник во општина Аеродром, Златко Марин, кој, според досега преброените гласови, освоил 11.733 гласа, наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски, кој има 9.409 гласови.

Во Битола, според партиските податоци, СДСМ освоил 23.925 гласови, наспроти 13.170 на ВМРО-ДПМНЕ, додека во скопски  Бутел СДСМ досега има 7.634 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ 5.415 гласа.

Според СДСМ, партијата во Гевгелија досега освоила 6.826 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ – 4.826.