Развојна банка на својата веб-страница го објави јавниот повик за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата на кредитите за кредито-корисниците од „Ковид 2”. Јавниот повик ќе трае 7 дена, заклучно со 18 јуни 2021 година кога е последниот ден за поднесување на Барање за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата за 12 (дванаесет) месеци.

„Преку објавата на јавен повик со кој се овозможува корисниците на кредит од „Ковид 2” да побараат продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата се реализира мерка објавена во петтиот сет економски мерки.Објавата на јавниот повик е во согласност со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензационите фондови од странска помош, објавена во Службен весник на РСМ бр.121 од 03 јуни 2021 година,“ се вели во соопштението.

Субјектите кои користат кредит од „Ковид 2”, во рок од 7 дена, треба да поднесат Барање до Развојна банка. Барањето е прикачено на јавниот повик, а за дополнително поедноставување на постапката Барањето се доставува преку електронска форма.