Фото: Арбнора Мемети

Ковид-19 забрзано се шири во државните институции во земјава. Во текот на вчерашниот ден, пристигнаа неколку потврдени информации за заболени владини и политички функционери од ковид-19. Владиниот координатор за комуникации, Марјан Забрчанец вчера вечер соопшти дека е тестиран позитивен на корона вирусот. Тој на Фејсбук напиша дека имал лесни симптоми на настинка.

„Добро се чувствувам, ги следам целосно советите на лекарите и од овој момент одам во домашна изолација. Водете максимална грижа, вирусот наоѓа најразлични начини да продре до човечкиот организам. Носете маска секогаш, секаде, одбивајте физички контакти, преместете ги сите состаноци онлајн, одбивајте групирање, дезинфицирајте“, напиша Забрчанец на Фејсбук.

Инаку, вчера беше потврдено дека и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски е заболен од ковид-19 и е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, но е во стабилна состојба. Меѓу високите членови на македонската влада, изминатиов викенд беше тестиран како позитивен на корона вирусот и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска вчера вечер на Фејсбук објави дека е позитивна на тестирањето за присуство на корона вирусот. Таа попладнето ненадејно добила покачена температура и омалаксаност додека била присутна на собраниската седница. Завчера пак и портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска напиша на Фејсбук дека е позитивна на ковид-19, но дека се чувствува добро.

Ваквите информации потврдуваат дека корона вирусот не избира личности кај кои ќе се појави. Вчера во нашата земја беа регистрирани рекордни 870 случаи на новозаразени лица од ковид-19, бројката на активни случаи се искачи на 7.963, а болниците низ земјава се полнат со граѓани кои развиваат потешка клиничка слика поради корона вирусот.