Распустот започна, учениците не ја добија финансиската помош од МОН

Фото: Мета.мк

Три училишта во Северна Македонија велат дека немаат информации дали нивните ученици се на списокот на Министерството за образование и наука за добивање на средства од антикризните мерки за поддршка на учениците од основните и средните училишта, на чии семејства вкупните месечни примања од нето платата им се до 50.000 денари. Родители и ученици, изразувајќи ја својата загриженост за статусот на нивните поднесени барања за надоместок според оваа мерка, велат дека досега не добиле ниту денар. Од друга страна, од МОН велат дека во понеделникот веќе почнала исплатата на паричните надоместоци и дека училиштата се информирани, пишува Порталб.мк.

Ерион Исмаили, ученик во средното општинско училиште „Исмет Јашари“ од општина Липково, вели дека не е известен за конечните резултати на Министерството за образование и наука за паричен надоместок, врз основа на aнтикризните мерки. Ерион истакнува дека познава и десетици други ученици кои исто така поднеле барање, а не добиле средства, или пак имаат некаква информација во врска со поднесените барања.

„Не сме известени за резултатите, ниту пак сме ги добиле ветените средства“, вели тој.

Ерион рече дека при поднесувањето на барањето не наишол на никакви проблеми и дека процесот бил лесен.

„Немаше никакви проблеми. Начинот на поднесување на барањето не беше многу комплициран, бидејќи ни помогнаа и класните раководители. Според постапката нашите родители требаше да ја пополнат документацијата и сите документи да ги доставиме до училиштето, а потоа училиштето да ги достави до Министерството за образование и наука“, рече тој за Порталб.мк.

Покрај него, и Ерза Билали, ученичка од општина Тетово, за Порталб.мк рече дека поднела барање за оваа финансиска поддршка, но нејзините родители не добиле ниту пари, ниту информација дали барањето е прифатено или не.

„Во неделата го видов соопштението на Министерството за образование и наука дека ќе почне исплатата на надоместоците. Јас и многу средношколци што ги познавам досега не сме добиле ниту денар. Ниту од Министерството за образование и наука, а ниту од нашите училишта не сме добиле никаква информација за статусот на овие надоместоци. Бараме да не информираат што се случува со овие надоместоци и кога можеме да очекуваме да ја добиеме ветената финансиска поддршка“, вели Ерза.

Од друга страна, има родители кои добиле пари само за месеците декември и јануари, но не и за другите месеци.

Сабри Рамадани од општина Чаир, кој се пријавил за оваа мерка за неговите две деца, за Порталб.мк вели дека пари добил само за два месеци.

„Аплицирав само еднаш. Испратив потврда дека моите деца се на училиште, како и потврда дека моите вкупни месечни примања не надминуваат 50.000 денари. Само два месеци добив пари, поточно 2.400 денари за двете деца, после тоа немам добиено ниту денар“, вели Сабри Рамадани.

Рамадани вели дека единствената информација ја добил од училиштето каде и ги доставил потребните документи.

Од МОН велат дека за дисквалификуваните ученици „се известени соодветните училишта“.

Но, директорот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, Јетон Камбери, го демантираше Министерството за образование и наука, велејќи дека до нив не е испратена никаква информација за овој процес.

„Со Министерството за образование и наука, во однос на антикризната мерка која се однесува на поддршката на семејствата на учениците, контактиравме само за време на поднесувањето на барањата, бидејќи имаше ученици чии податоци за примањата беа погрешно доставени, и системот не им дозволуваше да поднесат барање, и за ова имавме повратни информации од министерството. Деновиве имавме и поплаки од некои родители за овој проблем, кои преку вестите беа информирани дека почнала исплатата на надоместоците, а во меѓувреме немаа информации дали нив им следува или не таков надоместок“, вели Камбери.

На иста линија со директорот на тетовската гимназија, е и директорот на средното училиште „Исмет Јашари“ во Ликово, Исни Алији, кој вели дека неговото училиште било во постојан дијалог со Министерството за образование и наука само во периодот на подготовка на документацијата, и тоа за решавање на прашањата околу неточните податоци на учениците.

„После тоа не сме добиле никаква информација за тоа кому му е одобрено, а кому не“, вели Алији.

МОН: Се работи за 100 илјади ученици кои треба да добијат надомест од 1.200 или 1.800 денари

Од Министерството за образование и наука, покрај тоа што велат дека училиштата се известени, додаваат и дека новата министерка на функцијата, Весна Јаневска, ги задолжила сите надлежни сектори да направат детален табеларен преглед на нереализираните финансиски обврски за секој ученик чие семејство ги исполнува условите и кои поднеле барање за остварување на ова право.

„Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на првиот работен ден од мандатот ги задолжи надлежните ресори да направат детален преглед на нереализираните финансиски обврски за секој ученик чие семејство ги исполнува условите и има поднесено барање за остварување на ова право. Врз основа на доставениот извештај направен е планот со динамиката на исплаќање на средствата, кој започна во понеделник“, велат од МОН за Порталб.мк.

Оттаму велат дека станува збор за околу 100 илјади ученици, од основните и средните училишта, кои за 6 месеци треба да добиваат надомест од 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, во зависност во која категорија спаѓаат.

„Врз основа на доставениот извештај, направен е планот со динамиката на исплаќање на средствата кој започна од понеделник. Досега се исплаќаа само средствата за декември 2023 година и за јануари 2024 година. Останатите средства за 4 месеци ќе се вршат етапно“, соопштија од Министерството за образование и наука.

Прашани одново од Порталб.мк околу тоа како ќе се реализираат овие фази, кој ќе има приоритет и зошто не биле информирани оние ученици чии барања биле одбиени, од МОН не дадоа никакви детали. 

Инаку, финансиската помош за учениците од основните и средните училишта се однесува на оние семејства кои имаат вкупни месечни примања помали од 50 илјади денари. Од МОН на својата официјална веб-страница  појаснија дека според службената должност имаат право да ја проверат веродостојноста на податоците што училиштата ќе ги достават до Министерството. Но, оттаму не појаснуваат како и на кој начин ќе ги известат соодветните училишта и семејства кои поднеле барања.

Потсетуваме дека антикризната поддршка ја вети поранешниот министер за образование и наука, Јетон Шаќири. Планирано беше од декември минатата година до мај годинава родителите со ниски примања да добиваат по 20 евра секој месец, но тоа не беше реализирано. Во буџетот на Министерството за образование и наука за антикризни мерки од деветтиот пакет на поранешната Влада, беше кажано дека се предвидени 843 милиони денари за учениците и студентите.