Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Фото: Кабинет на ПРСМ,

Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас, опоменува претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во својата честитка за Илинден.

„Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина.

На 2 август 1903, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандите и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава. Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања.

Но, еднаш добиена, слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација. Годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби“, порача претседателот Пендаровски.

Тој побара во „овие времиња на неизвесност“ да се надминат поделбите и да се зајакнат демократските институции и владеењето на правото, како и овозможување на младите да градат просперитетна иднина во својата земја..

„Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас.

За многу години Илинден! Да ни е вечна и вековита републиката – Северна Македонија!“, порача шефот на државата.