Фото: ЕСМ

Голем интерес има кај странски и кај домашни компании во врска со проектот, изградба на фотонапонска електрана во Осломеј, информираат од Електрани на Северна Македонија, ЕСМ. „За ЈПП ФЕ „Осломеј“ беше организирана онлајн презентација пред заинтересирани компании од целиот свет, за локацијата за две фотоволтаични електрани во Осломеј, кои треба да се градат како јавно-приватно партнерство, во кое АД ЕСМ е јавниот партнер во име на државата“, соопштија од ЕСМ.

Онлајн состанокот се водел со претставници на ЕСМ,  Владата и консултантот AF-Consult, при што над 40 компании од земјата, регионот и од светот зеле учество. Тој се одржа како замена на планираната посета на самата локација, која потенцијалните инвеститори немаа можност да ја остварат на терен, поради рестрикциите од ковид пандемијата. На потенцијалните инвеститори им биле обезбедени снимки од локациите направени со дрон, презентација од стручни лица, а тие имаа можност за поставување прашања во врска со тендерската процедура.

„Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди до 28 октомври годинава, по што ќе се пристапи кон избор на најповолен понудувач. Изградбата на електраните се очекува да почне во 2021 година. Двете фотоволтаични електрани ќе бидат со инсталирана моќност од 80-100 мегавати, ќе бидат лоцирани врз стариот исцрпен рудник за јаглен во термоелектраната „Осломеј“, Кичево, и според договорот, приватниот партнер ќе треба да преземе 100 вработени од сегашната термоелектрана „Осломеј“, соопштија од ЕСМ.

Додаваат дека за ЈПП ФЕ „Осломеј“ се заинтересирани голем број реномирани компании, од кои дел веќе учествувале во вакви проекти во регионот, и од тие причини очекуваат успешен избор на економски оператор за овој значаен проект во областа на енергетиката и обновливите извори на енергија.

„Потенцираме дека АД ЕСМ ги вложува сите напори да ја продолжи реализацијата на инвестициските проекти и покрај тешкотиите во услови на ограничувања, наметнати од ковид кризата. При тоа ги користиме сите алатки и алтернативни мерки кои стојат на располагање и кои овозможуваат безбедност на сите вклучени во процесот“, информираат од компанијата.