Поранешниот прв министер на Шкотска Алекс Салмонд почина ненадејно во Охрид

Поранешниот претседател Иванов објави видео на социјалните мрежи од последниот говор на Салмонд во рамки на конференцијата, изразувајќи сочувство за неговата смрт

-

Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска, кој неговата земја ја донесе на чекор од независност од Обединетото Кралство, ненадејно почина вчера во Охрид каде учествуваше на конференција организирана од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, во рамки на неговата Школа за млади лидери.

Веста за неговата смрт оддекна силно во британските и шкотските медиуми по што серија лидери и познати личности, вклучувајќи го и Кралот, му изразија сочувство на семејството и на граѓаните на Шкотска.

Салмонд беше лидер на партијата Алба и прв министер на Шкотска од 2007 до 2014 година. Тој беше централна фигура во шкотската политика децении наназад.

Поранешниот претседател Иванов објави видео на социјалните мрежи од последниот говор на Салмонд во рамки на конференцијата, изразувајќи сочувство за неговата смрт.

„Со длабока тага и неверување ја објавуваме смртта на Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска“, напиша Иванов додавајќи дека Салмонд за време на неговиот последен јавен настап „ја покажа страста и посветеноста што ја карактеризираат неговиот живот и работа“.

„Нашите мисли се со неговото семејство и најблиските во овој тежок период.
Нека почива во мир“, додаде Иванов.

Кралот Чарлс и кралицата Камила преку порака од Бекингемската палата соопштија дека се ожалостени поради смртта на Алекс Салмонд.

„Неговата посветеност на Шкотска ја поттикна неговата децениска јавна служба. Изразуваме длабоко сочувство до неговото семејство и најблиските во овој момент“, се вели во пораката од кралот и кралицата.

Британскиот премиер, сер Кир Стармер одаде почит кон политичкиот титан, нарекувајќи го „монументална фигура на шкотската и британската политика“ која „остава зад себе трајно наследство“.

Премиерот рече дека „повеќе од 30 години, Алекс Салмонд беше монументална фигура на шкотската и британската политика. Зад себе остава трајно наследство“.

„Како прв министер на Шкотска, тој длабоко се грижеше за наследството, историјата и културата на Шкотска, како и за заедниците што ги претставуваше како пратеник во текот на долги години служба. Моите мисли се со оние кои го познаваа, неговото семејство и неговите најблиски. Во име на владата на ОК, денес им изразувам сочувство“, соопшти премиерот Стармер.

Македонските власти се уште не излегоа со детали околу причината за смртта на Салмонд, а локалните медиуми објавија оти тој починал за време на ручекот на 12.10.2024 г. Некои шкотски и британски медиуми, пак, пишуваат оти тој починал по одржување на говор.

„Се верува дека г-дин Салмонд колабирал за време на ручек на конференција во Охрид, Северна Македонија“, пишува британски Дејли Мејл во еден од поопширните написи за смртта на Салмонд.

Очевидци на трагичниот настан изјавиле дека медицинските тимови очајнички се обидувале да го реанимираат откако се чинело дека најверојатно доживеал срцев удар, но не успеале да го спасат.

Вечерта била организирана трогателна неформална комеморација во која поранешниот претседател на Северна Македонија, Ѓорге Иванов одржал говор во кој се осврнал на животот и делото на Салмонд.

Шкотскиот политичар зад себе ја остави неговата сопруга Моира со која заедно живееа во шкотскиот град Стричен во Абердиншир.

Неговите поранешни колеги го опшишуваат Салмонд како „еден од најталентираните политичари на неговата генерација“ и „најдобриот прв министер што го имала нашата земја“.

Како лидер на СНП, Салмонд одигра клучна улога во обезбедувањето референдум за независност на Шкотска во 2014 година. Откако неговата кампања за незавиност на Шкотска изгуби со 55 наспроти 45 проценти, тој се повлече од лидерското место. Тој исто така беше клучен ментор на неговата наследничка како лидер на СНП и прва министерка Никола Старџен, која доминираше во шкотската политика од оставката на Салмонд во 2014 до 2023 година.

Во саботата вечерта таа рече дека е „шокирана и ожалостена од веста за смртта на Алекс Салмонд“.

„Останува фактот дека многу години Алекс беше неверојатно значајна фигура во мојот живот. Тој беше мојот ментор и повеќе од една деценија формиравме едно од најуспешните партнерства во политиката во Обединетото Кралство“, соопшти Старџен.

Таа додаде оти Алекс ја модернизира СНП и го отвори патот до референдумот во 2014 година, кој ја одведе Шкотска на работ на независноста.

„Тој ќе биде запаметен по сето тоа. Моите мисли се со Моира, неговото пошироко семејство и неговите пријатели“, рече Старџен.

Во соопштение објавено на социјалните мрежи, неговата поранешна партија СНП соопшти: „Почина Алекс Салмонд, поранешен лидер на СНП и прв министер на Шкотска. Неговото водство ја внесе СНП во мејнстримот и во шкотската влада. Тој беше титан на движењето за независност. Нашите мисли се со Моира и неговото семејство“.

Во петокот, Салмонд одржал говор на второто издание на Форумот за културна дипломатија, настан организиран од канцеларијата на поранешниот претседател Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин.

Во својот последен пост на социјалните мрежи, објавен само три часа пред веста за неговата смрт, Салмонд го критикуваше сегашниот прв министер на Шкотска Џон Свини и повторно повика на независност.

Гувернерката ги прими стипендистите од ЕФА: НБРСМ со поддршка за младите

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка, Анета Крстевска ги примија стипендистите на Европскиот форум Алпбах (ЕФА) ‒ Александар Каратошо, Бесар Бекири, Ана Софеска...