fbpx

Не е точно дека во Шкотска на секои три месеци може да се менува полот

-

Во постот што го рецензираме, невистинито се тврди дека лицата може да го менуваат полот во Шкотска, ако сакаат, на секои три месеци. Ова не е точно, при аплицирањето за промена на полот се дава и заклетва дека лицето има намера да остане во стекнатиот пол до крајот на својот живот. Дополнително, после самата апликација, се чека 3 месеци (според предлог-законот), односно се дава период на апликантот да размисли за својата одлука и писмено да го извести давателот на услугата за направената одлука, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека 16-годишниците во Шкотска можат, ако сакаат, на секои три месеци да го менуваат полот. Во текстот се вели дека шкотската влада го протуркала родовиот закон за родова еднаквост и дека предлог законот за реформи за признавање на родот кој беше усвоен во првата фаза во Парламентот во четвртокот, има цел да им олесни на луѓето официјално да го променат полот со отстранување на условот за медицинска дијагноза за родова дисфорија.

Исто така, го намалува времето потребно за да живее со стекнатиот пол од две години на три месеци и ја намалува законската возраст од 18 на 16 години, пишува во текстот.

Меѓутоа, изнесеното во насловот и во описот на постот, дека лицата во Шкотска постари од 16 години ќе може да го менуваат полот на секои три месеци ако сакаат, не е вистина. Во предлог законот децидно пишува дека оние кои ќе се одлучат на ваков чекор, мора да дадат изјава дека имаат намера да останат во полот за кој се одлучиле до крајот на својот живот.

Во предлог законот, во условите за аплицирање во шкотската Управа за водење матични книги за менување на полот, пишува дека апликантите мора да имаат барем 16 години, да живеат во полот со кој сакаат да се здобијат барем три месеци пред денот на поднесување на апликацијата, да имаат намера да продолжат да живеат во тој пол перманентно. Потоа се вели и дека по апликацијата, следува период од три месеци за размислување од денот кога се аплицирало. По истекот на трите месеци за размислување, апликантот мора да потврди на писмено дека сака да продолжи со апликацијата. Ако во рок од 2 години од денот на аплицирање апликантот не потврди дека продолжува со апликацијата, таа ќе се смета за повлечена.

Така што, не е ни возможно да се добие промена на полот во Шкотска реално за три месеци, а камоли на секои три месеци да се менува полот, како што невистинито се тврди во постот.

Би-Би-Си пишува дека шкотската влада расправа за тоа дека моменталниот процес за менување на полот е премногу тежок и инванзивен и предизвикува непријатности на веќе маргинализираните и вулнерабилни малцински групи. Според предлог законот, апликациите за промена на полот ќе бидат процесирани во Управата за матични книги на Шкотска (Registrar General for Scotland) и нема да биде потребно да се обезбедат извештаи за дијагноза или медицински извештаи. Периодот во кој апликантот би морало да живее во стекнатиот пол би се скратил на три месеци, наместо досегашните две години. Се предлага и возрасната граница за тие што ќе одлучат да го сменат полот да се намали на 16 години, наместо досегашната која беше 18 години.

Кој било што ќе сака законски да го смени полот, ќе мора да се заколне под заклетва дека ќе остане во тој пол до крајот на животот, а да се даде лажна заклетва или апликација ќе претставува дело за кое што ќе следува кривична одговорност. Ќе има и период за рефлексија од 3 месеци пред да се издаде сертификатот за промена на полот, пишува Би Би Си.

Шкотската влада сака да го симплифицира и да го забрза постоечкиот процес, со кој луѓето може да добијат сертификат за признавање на нивниот пол. Тоа е законско признание за здобиениот пол на трансродовите лица. Во моментот, луѓето кои сакаат да го променат полот аплицираат пред комисија во Велика Британија и мора да презентираат дијагноза или дека имаат дисфорија. И сега, без да биде сменет законот во Шкотска, апликантите мора да потврдат со заклетва дека имаат намера да останат во новиот пол до крајот на животот.

Предлозите да се реформира процесот на добивање на сертификат за признавање на полот почна во 2016 година, а потоа беше предмет на бројни консултации, јавна дебата, но и дезинформации.

Шкотската влада, иако се заложи, сепак долго време не можеше воопшто да гласа за законот, зашто тој беше успоруван од разни фактори, вклучително и пандемијата со ковид-19. Со новиот закон кој е во процедура, транс луѓето не би морале да прават испитување и не би било барано од нив да имаат дијагноза за дисфорија во полот, пред да може да им биде законски признаен полот преку модел на самоидентификација, слично на повеќе земји во светот, вклучително Ирска и Франција.

Противниците на овие законски промени, тврдат дека промената ги загрозува правата на жените.

Сертификат за признавање на полот, се користи за законски да се промени полот на трансродово лице во нивниот извод од матичната книга на родените и има за цел да им се признае на трансродовите лица нивниот вистински идентитет, вклучително и во различни животни процеси, како кога стапуваат во брак, кога плаќаат даноци, кога ја примаат својата пензија и на нивната умреница. Според законите на Велика Британија, лицата смеат да бидат од полот којшто им бил регистриран при раѓањето, или машки или женски. Но, со Законот за признавање на полот од 2004 година, кој што се применува во Велика Британија, им се овозможува на трансродовите луѓе да аплицираат во комисијата ( стручно наречена Gender Recognition Panel) за да добијат сертификат за признавање на полот.

На оние апликанти на кои што ќе им се издаде целосен сертификат за признавање на полот, смеат правно и пред законите да бидат припадници на полот со кој се стекнале. Имателот на сертификатот за признавање на полот ги ужива сите права соодветни на неговиот стекнат пол.

Во постот што го рецензираме, невистинито се тврди дека лицата може да го менуваат полот во Шкотска, ако сакаат, на секои три месеци. Ова не е вистина, бидејќи при аплицирањето за промена на полот, се дава и заклетва дека лицето има намера да остане во стекнатиот пол до крајот на својот живот. Дополнително, после самата апликација, се чека 3 месеци (според предлог законот), односно се дава период на апликантот да размисли за својата одлука и писмено да го извести давателот на услугата за направената одлука.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека во Шкотска на секои три месеци може да се менува полот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...