Фото: Принтскрин

Утрово се извршени претреси во објект на поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески во Прилеп, а полициски претреси по налог на јавен обвинител се извршени во станови на Никола Груевски во Скопје, пишува „Слободен печат“. Според весникот, од јавното обвинителство потврдиле дека имало претреси во објекти во Прилеп, но не прецизирале за кои станува збор. Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за „Слободен печат“ потврдила дека е извршен претрес на дополнителниот имот на екс-премиерот Груевски во Скопје, а во врска со предметот „Плацеви на Водно“.

Од Јавното обвинителство на РСМ соопштија дека:-По барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска е извршен претрес во повеќе објекти. Претресот е во рамките на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како „Плацеви на Водно“.-

Поради предметот „Плацеви на Водно“ пред две недели беше определена мерка притвор за бизнисменот Јордан Камчев како осомничен за кривично дело перење на пари.

Поранешниот премиер Никола Груевски во овој случај се товари дека овозможил со пари од партијата ВМРО ДПМНЕ да се купи земјиште на Водно. Освен Груевски, осомничени во предметот се и Ристо Новачевски, Сашо Мијалков, мајката на Јордан Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.