fbpx

Полицијата сè уште трага по пукачот од „Ист Гејт“, еден од повредените е во критична состојба

Точно се знае бекграундот на лицето во коешто е пукано и конфликтите што ги имале, практично тие се криминални групи, кои се разбиени во најголемиот дел и за кои јас и информирав пред некое време, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

-

Полицијата сè уште трага по човекот кој вчера среде бел ден пукаше во две лица во трговскиот центар „Ист Гејт“. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска потврди дека станувало збор за криминална пресметка.

Раде Трајковски Штекли (36) е едно од лицата врз кое вчера беше пукано, а како што известија од Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, тој е контактибилен и со стабилни параметри по хируршката интервенција на левиот граден кош. Во многу посериозна здравствена состојба е неговиот 23-годишен пријател Д.Т, кој се наоѓа на интензивна нега во поранешната Градска болница и е приклучен на респиратор.

„Точно се знае бекграундот на лицето во коешто е пукано и конфликтите што ги имале, практично тие се криминални групи, кои се разбиени во најголемиот дел и за кои јас и информирав пред некое време, во многу оперативни акции што сме ги презеле, секојдневно. Самите сте сведоци дека во последниот месец имаме приведено тројца, како дел од групите коишто беа во така наречената оперативна акција „Планина“ итн, говори за еден висок степен на ангажираност и за конфротација помеѓу тие криминални групи, коишто 30 години некој ги создавал“, изјави министерот Спасовски.

Тој уверува дека безбедноста на граѓаните не е загрозена, а полициските служби се постојано на терен, не само во моментов, туку во континуитет.

Со соопштение се јавија и од трговскиот центар „Ист Гејт“, од каде велат дека соработуваат со надлежните за расчистување на случајот.

„Целосно ја разбираме загриженоста на вработените и на посетителите и жалиме за непријатната ситуација во која што дел од нив се најдоа. Нашиот мол работи според највисоките стандарди и при секојдневното функционирање се почитуваат сите прописи за безбедност. За сигурноста на сите лица ги применуваме сите мерки што според законите ги имаме на располагање. На овој план имаме редовна соработка со надлежните органи. Овие принципи на работа ќе продолжиме да ги применуваме и ќе вложиме максимални напори, истите во иднина да бидат уште подобри и поефикасни“, се вели во соопштението.

Од опозицијата реагираа зошто и дури 24 часа по вчерашниот настан и покрај фотографијата од безбедносните камери, МВР сè уште нема одговор за тоа кој пукаше во двете лица во шопинг-центарот.

„Оливер Спасовски и раководството на МВР, кои до вчера нè убедуваа дека полицијата расчистила со криминалните групи од Грчец, Арачиново и од Чаир, веројатно, по 7 години, сè уште не сфатија дека борбата со криминалот и намалувањето на стапката на криминалитет не е статистичка работа и не се прави преку телевизија и социјални мрежи. Борбата со криминалот и со криминалните групи не е политичка кампања, фотографирање за социјалните мрежи и кампања за претседателски избори“, рече Наќе Чулев, поранешен министер за внатрешни работи.

И пред два месеца непознато лице пукаше од автоматско оружје кон автомобилот во кој се наоѓаше Раде Трајковски Штекли. Тој во таа прилика не беше повреден. Нападот исто така се случи во Ист Гејт, каде што Раде Трајковски Штекли го посетувал фитнес центарот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...