Поранешниот претседател Доналд Трамп беше повреден по истрелите на почетокот на митингот во Батлер, Пенсилванија, вчеравечер.
Од Тајната служба, како што пренесе Си-Ен-Ен изјавија дека Трамп е безбеден и под заштитни мерки.
Трамп беше преплавен од агенти на сцената на митингот откако се слушнаа истрелите. Тој се фати за увото, а на неговото лице можеше да се види крв. Кратко после тоа, тој, опкружен со агенти, стана и ја крена тупаницата кон толпата.
Портпаролот на Доналд Трамп, Стивен Чеунг, рече дека поранешниот претседател „е добро“.
„Претседателот Трамп им се заблагодарува на органите на редот и на првите што реагираат за нивната брза акција за време на овој грозоморен чин. Тој е добро и е на преглед во локалната медицинска установа. Повеќе детали ќе следат“, се вели во соопштението на Чеунг.
Поранешниот претседател Џорџ В. Буш изјави дека е „благодарен“ што поранешниот претседател Доналд Трамп е безбеден.
„Лора и јас сме благодарни што претседателот Трамп е безбеден по кукавичкиот напад врз неговиот живот. Пофалби до мажите и до жените на Тајната служба за нивната брза реакција“, рече Буш во својата изјава.
Милијардерот Илон Маск по инцидентот објави дека го поддржува поранешниот претседател Доналд Трамп.
I fully endorse President Trump and hope for his rapid recovery pic.twitter.com/ZdxkF63EqF
— Elon Musk (@elonmusk) July 13, 2024
„Целосно го поддржувам претседателот Трамп и се надевам на негово брзо закрепнување“, напиша Маск на Твитер.
Лицето кое пукало на митингот на Доналд Трамп во Пенсилванија е „неутрализиран“, според повеќе извори на истрагата, пренесе Си-Ен-Ен.
Овој инцидент се случи по напорниот ден на изборната кампања и за Трамп и за претседателот Џо Бајден за претседателската трка во ноември годинава.
