Фото: Мин. за земјоделие и шумарство

Македонските бачила во иднина ќе произведуваат електрична енергија за да ги задоволат своите потреби. Со средства од Програмата за рурален развој за 2019 година, набавени се 50 фотоволтаични панели и истите се распределени на бачилата во Битола, Штип, Радовиш, Македонски Брод, Дебар, Кавадарци, Гостивар, Свети Николе, Кичево и Велес.

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗР) Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски, беа во посета на фарма на земјоделецот Зоранчо Штерјов во штипското Ново Село.

– На овој начин ќе придонесеме сточарите да добијат пристојни услови за живот и полесно производство, што претставува голема поддршка за сточарите. Освен фотоволтаици набавени се и 150 метални водопоила кои за прв пат се изработени од нерѓосувачки материјал (инокс) со долготраен квалитет и распределени се на 83 локации на територијата на државата како и пластични црева за вода – изјави министерот Трајан Димковски.

Вкупната вредност на набавените фотоволтаици и водопоила изнесува околу 390.000 евра.

Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, рече дека Владата со министерството и Агенцијата ќе продолжат да создаваат услови за развој на сточарството и на агро секторот.

Во изминатиов период, освен набавката на фотоволтаици и водопоила, извршено е пробивање на 2,5 километри земјени патишта до пасиштата и реконструкција на 22 километри постоечки земјени патишта до пасиштата. Со ова, овозможен е полесен пристап до бачилата и полесен транспорт.

– Со Годишната инвестициона програма за 2020 година, поради неминовна потреба од справување со недостигот на вода, како и недостигот на вода за напојување на добитокот во сушниот летен период, се планира да се изработат и 10 бушотини  за бунари за вода – изјави Бабовски.

Модернизацијата на бачилата во земјава, особено нивното снабдување со електрична енергија, ќе овозможи и осовременување на производствениот процес за преработка на млекото во млечни производи.