Почина легендата на светскиот фудбал Пеле

Фото: Marceloamontenegro - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=107378367

Светот се опростува од еден од најголемите фудбалски имиња во историјата – Пеле. Тој синоќа почина на 82-годишна возраст во Сао Паоло, Бразил, пишува Би-би-си. Неговото целосно име и презиме Едсон Арантес до Насименто ретко кој го знае, но затоа пак стотици милиони луѓе од целиот свет се сеќаваат на неговите настапи за време на активната кариера.

Социјалните мрежи изминативе часови се преполни со изрази на почит и восхит кон починатата фудбалска легенда. И најславните актуелни светски фудбалери се збогуваат со легендарниот бразилски фудбалер, којшто ќе биде погребан на 3 јануари во бразилскиот град Сантос.

„Пред Пеле, фудбалот беше само спорт“, напиша на Инстаграм бразилскиот фудбалер Нејмар. „Пеле промени сè. Тој го претвори фудбалот во уметност, во забава“, додаде Нејмар во своето збогување со Пеле.

Францускиот фудбалер Килијан Мбапе го опиша Пеле како „крал на фудбалот“, додека португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо напиша:

„Само збогум со вечниот крал Пеле никогаш нема да биде доволно за да се изрази болката што го обвива целиот фудбалски свет во моментов“.

И поранешниот бразилски голгетер Роналдо се збогуваше со починатиот Пеле, опишувајќи го како уникатен, генијален, креативен, совршен и неспоредлив.

„Никогаш не го напушти врвот, тој нè напушта денес. Кралот на фудбалот – еден и единствен. Најголемиот на сите времиња“, напиша Роналдо.

Покрај збогувањата од најпознатите актуелни фудбалски имиња, смртта на Пеле предизвика реакции и кај водечките политичари низ светот.

„За спорт кој го спојува светот како ниту еден друг, подемот на Пеле од скромни почетоци до фудбалска легенда е приказна за тоа што е можно“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Досегашниот бразилски претседател Жаир Болсонаро изрази тага за смртта на човекот, за кого посочи дека преку фудбалот го пренел името на Бразил низ светот.

„Тој го претвори фудбалот во уметност и радост“, рече Болсонаро.

Неговиот лут политички ривал и новоизбран бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва рече тој ја имал привилегијата што ја немаат помладите Бразилци – да го види Пеле како игра во живо.

„Не да игра, го видов Пеле како прави шоу. Секогаш кога ја добиваше топката правеше нешто посебно, коешто често завршуваше во гол“, изјави Силва.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино изјави дека смртта на Пеле е „навистина трагичен ден за фудбалот“.

„Денес, целиот свет жали за загубата на Пеле; најголемиот фудбалер на сите времиња“, изјави Инфантино.

Ришарлисон, еден од неколкуте актуелни играчи на Бразил кои оддадоа почит, го опиша Пеле како „најубавото поглавје во фудбалот“ и рече дека „засекогаш ја променил историјата на играта“.

Поранешниот англиски фудбалер, сер Џеф Херст, прославен како предводник на победата на Англија на Светското првенство во фудбал во 1966 година, рече дека играњето против Пеле на теренот било без сомнение најдобриот фудбал против некого што тој некогаш го играл, додавајќи дека бил горд што бил на теренот со него.

Другиот шампион од 1966 година, сер Боби Чарлтон го поздрави Пеле како „навистина магичен фудбалер и прекрасно човечко суштество“.

Поранешниот фудбалски клуб на Пеле – „Сантос“ на социјалните мрежи објави слика од круна со зборот „вечна“ по неговата смрт.

Својата богата фудбалска кариера Пеле ја започнал на само 15 години во 1956 година, кога го потпишал првиот договор со фудбалскиот клуб „Сантос“, а на натпреварот со кој дебитирал во првата бразилска лига го постигнал и својот прв гол. Следел повик за играње во репрезентацијата на Бразил. Со само 16 години и 257 дена играње фудбал, Пеле дебитираше за селекцијата во мечот против Аргентина (1:2).

Пеле е заслужен за постигнување светски рекорд од 1.281 даден гол во 1.363 фудбалски натпревари одиграни во текот на неговата 21-годишна кариера, вклучувајќи 77 гола во 92 натпревари за неговата земја.

Тој е единствениот играч кој три пати го освоил Светското првенство во фудбал, кревајќи го трофејот во 1958, 1962 и 1970 година. Пеле беше прогласен за играч на векот од ФИФА во 2000 година и беше вклучен на листата на 100 најзначајни личности на 20-от век на угледниот магазин Тајм.

Надвор од фудбалот, Пеле ја извршуваше должноста спортски амбасадор на Бразил во ОН и УНИЦЕФ. Во Бразил во 1984 година тој ја започна неговата политичка кариера како прв бразилски министер со темна боја на кожата, како министер за спорт. Четири години му биле потребни за да се повлече од политиката.

Во приватниот живот, Пеле се оженил два пати и имал седум деца.