Платено политичко рекламирање со печатна грешка

Во обид да дознаеме кој портал колку пари добил од кампањата за парламентарните избори, наидовме на грешно позиционирани документи, лошо скенирани листови и голем број необјавени извештаи

-

Парламентарните избори завршија, министри и директори веќе дојдоа на новите позиции, се даде дури и првиот отчет за сработеното во 30 дена, а сè уште не е познато колку пари добија онлајн порталите за политичко рекламирање.

Истражувањето на Мета.мк покажа дека кога станува збор за пристап до информации во врска со парите и исплатите се чини дека надлежните не се особено ангажирани во однос на транспарентноста.

Со оглед на тоа што парите за рекламирање се дел од државниот буџет, извештаите за тоа колку пари добиле медиумите треба да се информации од јавен карактер и лесно достапни до граѓаните, но патот до нив е сериозно отежнат поради хаотичност и ненавременост на институциите.

Мета.мк во обид да разгледа неколку од поднесените извештаи, наиде на тотален хаос кога се работи за тоа колку пари зеле онлајн порталите за рекламирање за време на парламентарните избори во мај годинава. Регистриравме грешно позиционирани документи, лошо скенирани листови, голем број необјавени извештаи, но и голем број објавени – скриени во неименувани линкови.

Оваа година во Државната изборна комисија (ДИК) за реклами од партиите се пријавија рекорден број медиуми  – 339, но не се знае колку од нив склучиле договор за партиско рекламирање токму поради сè уште недостапните целосни извештаи.

Радиодифузерите и печатените медиуми и електронските медиуми (онлајн порталите) во земјава беа должни да поднесат извештај за рекламниот простор искористен од секој од учесниците во изборната кампања и средствата кои се платени или се побаруваат по таа основа најдоцна 15 дена по денот на завршување на изборната кампања.

Извештаите за платеното политичко рекламирање треба да бидат објавени на четири места и тоа на веб страната на Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и до Министерството за финансии.

Треба да поминете лавиринт за да стигнете до финансиски извештај

При нашето барање на финансиските извештаи забележавме многубројни пропусти и некоординираност од страна на четирите институции.

Првично, за да стигнете до податоците кои се објавени од страната на ДИК, треба да го најдете делот од веб-страницата каде што се објавени финансиските извештаи, но воочливо е дека воопшто не е ниту потенцирано кој дел е посветен на рекламите за парламентарните избори, а кој за претседателскитe.

На веб-страницата на ДИК има два дела – во првиот може да се најдат секакви информации во однос на финансирањето на кампањите, но сето тоа е толку хаотично, што се измешани дури и податоците од претседателските избори и од парламентарните избори, па потребна е сериозно добра концентрација за да сфатите што всушност разгледувате.

принтскрин, ДИК

Недостигаат и голем број извештаи од медиуми, па така не може да се знае дали медиумите не ги доставиле извештаите, или пак, едноставно, тие не се објавени од страна на институцијата.

Следно, по долго пребарување на веб-страницата на Министерство за финансии, забележавме дека има објавено извештаи од кои голем број се веќе објавени на ДИК, но има и некои кои не се достапни на страната на ДИК, што на еден начин говори за некоординираност меѓу институциите – еден финансиски извештај го има на една на веб-страна, но го нема на друга.

На веб-страницата на Министерството за финансии, извештаите се распределени во два сегмента – претседателски избори и парламентарни избори, што се разликува од веб-страницата на ДИК, каде што извештаите се прикажани прилично конфузно.

Но таму пак, воочлива е печатна грешка која не може да не ви го одземе вниманието – на страницата на Министерството за финансии, наместо „парламентарни“ пишува „парламентатни“, а има и граматичка грешка, односно „избори“ треба да биде напишано со мала буква.

Принтскрин, МФ

Најлесна за пристап до информациите убедливо е веб страницата на Антикорупциската комисија (ДКСК), каде што е точно наведено дали финансиските извештаи за реклами во медиумите се за парламентарните или за претседателските избори, а има и најголем број ојавени извештаи.

Принтскрин, ДКСК

На веб-страницата на ревизорите пак, извештаите се објавени во неколку дела, а доколку отворите еден од нив, ќе забележите повеќе извештаи на едно место, но не само за медиуми туку и за фирми и за билборди. На пример, еден документ содржи точно 111 страни каде што се прикажани измешани извештаи од повеќе медиуми. Меѓутоа, некои од објавените извештаи на страната се лошо скенирани, па воопшто не е можно да се прочитаат или анализираат сумите.

Принтскрин, ДЗР

Во текот на истражувањето, некои од податоците ги собиравме преку пребарување на „Гугл“ и кликање неименувани линкови со надеж дека ќе излезе документот што го бараме.

Ги нема ниту парите, ниту извештаите 

Гоце Трпковски, новинар во Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), во порталот Призма.мк, кој подолго време ја следи проблематиката со платеното политичко рекламирање, вели дека освен доцнењето со извештаите, проблем кој често се забележува е недостаток на податоци за тоа кој стои зад некои од пријавените медиуми кои бараат пари од државата за рекламирање за избори, вели дека има и портали кои воопшто не се регистрирани на македонски домеин. Други пак, немаат ниту импресум за да се види кој стои зад порталот.

Според него, проблемите поврзани со оваа тема се должат на недооформени правила.

„Нема доволно транспарентност затоа што нема доволно добро формирани правила кои ќе регулираат што значи информативен интернет портал и како тој би се стекнал со право да емитува изборни реклами финансирани од државниот буџет“, вели Трпковски.

Тој коментира дека не е прв пат да доцни извештаите меѓутоа овој пат убедливо процесот на објавување е најдолг, со оглед на тоа што тие веќе требаше да бидат достапни уште пред два месеца.

Призма веќе објави дека парите за исплата на медиумите сè уште не им се на располагање на ДИК, односно досега се исплатени само медиумите кои имаа партиски реклами во првиот круг од претседателските избори, а за вториот и за парламентарните го чекаат ребалансот на буџетот. Целиот процес на прекројување на државната каса, пренесе Призма, се очекува да помине низ собраниските процедури до првата половина од август.

Сепак, не е јасно зошто сите финансиски извештаи на онлајн порталите не се достапни за јавноста, и покрај тоа што парите не се исплатени, бидејќи медиумите веќе треба да ги имаат доставено до надлежните институции.

При истражувањата, Трпковски забележал дека пресметките се понекогаш измешани, односно некои суми се пресметани со ДДВ, а некои без.

„Освен што нема доволно известување за ситуацијата, целиот систем почива на тотално нејасни правила”, вели тој.

Инаку, Државната изборна комисија годинава пресмета рекордна сума пари наменета за платено политичко рекламирање, а тогаш пресметките покажаа дека за двојните избори од буџетот за медиумите ќе се издвојат 10,6 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентското собрание на УКИМ со реакција за зголемените трошоци: Образованието мора да остане достапно за сите

Како Универзитетско студентско собрание, ги разбираме предизвиците со кои се соочува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во справувањето со трошоците. Меѓутоа, сметаме дека најголемиот дел од овие финансиски...