Петнаесетгодишник ќе одговара за тероризам оти пратил лажна дојава за бомба

Фото: Архива на Мета.мк

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15-годишник од Скопје, за сторено кривично дело „тероризам”.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), пријавениот малолетник на 24 февруари, користејќи го својот мобилен телефон, креирал електронска адреса и истиот ден користејќи го својот лаптоп од својот дом испратил порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно средно училиште во Скопје.

Истата електронска адреса е користена за да се испраќаат пораки со заканувачка содржина до неколку училишта на територијата на град Скопје од мобилен телефон и од лаптоп компјутер, во повеќе наврати.

„По извршените проверки било утврдено дека дојавата е лажна. За да ги прикрие своите активности при испраќање на поракaта, малолетникот користел VPN апликација“, наведено е во соопштението на МВР.

Вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика утврдиле дека користената IP адреса е во сопственост на таткото на малолетникот. Врз основа на издадена наредба за претрес на дом од Основен кривичен суд-Скопје, извршен е претрес во домот на родителот на малолетникот, од каде привремено се одземени мобилен телефон, сим картичка и лаптоп компјутер кои ги користело малолетното лице.

На 3 март, во присуство на родител на детето, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, во полициска станица е извршен службен разговор со малолетникот, во текот на кој тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

Инаку, МВР на 24 февруари годинава објави дека биле лажни пријавите за наводно поставени експлозивни направи кои дента стасале на електронските адреси на 18 училишта во Скопје и едно во Прилеп. Токму кон крајот на февруари, секојдневно се испраќаа лажни дојави за поставени бомби во училиштата, но периодот на ваквата зачестеност беше и пред 24 февруари.

Нови закани за поставени бомби во 18 училишта, МВР утврди дека се лажни