Петнаесет доктори и 550 магистри на науки седат дома без работа

Од невработените лица - доктори на наука, во евиденцијата на невработени лица евидентирани се доктор по економски науки, доктор по политички науки, доктор по информатички науки

фото: Мета.мк

Работа бараат вкупно 15 доктори на науки, 550 магистри и 6.688 лица со завршено високо образование, покажува евиденцијата за месец декември 2023 година, на Агенцијата за вработување на РСМ (АВРСМ). Од лицата со титули кои чекаат вработување, најбројни се оние од областа на правните, но и економски науки.

Како што информираат во АВРСМ, од невработените лица – магистри на наука, според областа во која магистрирале, најбројни се од профилот магистер на правни науки, магистер по економски науки, магистер по бизнис администрација, магистер инженер архитект, магистер по фармација, магистер по политички науки, потоа магистер по маркетинг менаџмент, магистер по психолошки науки, магистер по меѓународни односи и други профили наевработени лица – магистри на наука.

„Од невработените лица – доктори на наука, во евиденцијата на невработени лица евидентирани се доктор по економски науки, доктор по политички науки, доктор по информатички науки, потоа невработено лице од профилот доктор на науки по јавно здравје, доктор на науки од областа на безбедност, доктор на правни работи, доктор по филолошки науки, доктор по социјални работи и социјална политика, доктор по педагогија и други профили на невработени лица кои се доктори на наука“, велат за Мета од АВРМ.

Невработените лица, како што појаснуваат во АВМР, најчесто се насочуваат да се вклучат во обуки на кои може да стекнат дополнителни знаења и вештини, а работодавачите се мотивираат да организираат обуки во своите работни простории, со нивна опрема и технологија како би ги обучиле потенцијалните кандидати за вработување согласно своите потреби.

Исто така, на лицата со високи титули им се нуди работа преку различни програми за вработување, но, најчесто одбиваат бидејќи сметаат дека е понуденото не е соодветно за нивното образование.

Инаку, во земјава рекорден број невработени доктори на наука имавме во 2018 година, кога дури 33 доктори беа пријавени во АВМР како невработени лица. Според истата евиденција од тогаш, невработени имаше и 866 магистри на науки, како и безмалку 11.000 лица со завршено високо образование. Овие бројки беа високи бидејќи тогаш високото образование стана подостапно, се отворија многу факултети и дисперзирани студии, се намалија критериумите за упис, а се зголеми и проодноста на факултетите.