Петличковски: Не стравувам дека ќе се шири вирусот кога децата ќе ги извадат маските

Фото: Kelly Sikkema on Unsplash

Лично не стравувам дека ќе се прошири вирусот ковид-19 откако децата ќе престанат да ги носат маските додека се на настава, бидејќи преносот во училиштата е на многу ниско ниво. Ова за Мета го изјави имунологот Д-р Александар Петличковски, претседателот на Комисијата за заразни болести, по најавената одлука за престанок на важноста на одлуката за задолжително носење заштитни маски на настава. За него ваквата одлука е сосема исправна.

Кризниот штаб во петокот ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и на Владата и упати предлог за измена на одлуката за носење маски во училиштата. На денешната седница на Владата овој предлог беше прифатен и од утре (30 март) ќе важи оваа одлука.

„Денеска имаме 310 нови ковид случаи, бројка која не е голема. Мислам дека одлуката е во ред. Во моментов нема ризик за значајно проширување на вирусот. Има минимален пораст, но не се очекува некоја сериозна промена. И досега маските не беа стопроцентно прифатени, односно децата се дружат постојано. Имаме и резултати од скринингот кои покажаа дека преносот е на многу ниско ниво“, вели Д-р Петличковски.

Архивска фоторгафија од Претседателот на Комисијата за заразни болести, Д-р Александар Петличковски | Фото: Фејсбук-профил на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, 29.06.2021 г.

Според него, вработените односно наставниот кадар треба да носи маски, затоа што, како што појаснува, во таа линија е и препораката на Европската агенција за контрола и превенција од заразни болести, со оглед на тоа дека ризикот за нив е поголем.

„Во градинките, пак, и досега децата постојано беа без задолжително носење на маски, но вработените продолжуваат да носат“, додава тој.

Петличковски потенцира дека одлуката е многу внимателно предложена.

„Мислам дека ситуацијата е многу добра и очекувам во следните неколку недели да има олабавување и на други мерки. Се гледа затишје секако, иако не знаеме на есен каква ќе биде ситуација. Но, ќе имаме мирна пролет и лето“, вели тој.

Епидемиологот Д-р Александар Стојанов, пак, поранешниот директор на Центарот за јавно здравје смета дека ваквата одлука е донесена под притисок најмногу на родителите.

„Ако носеа учениците маски уште еден месец, немаше ништо да им се случи. Децата се тие што го пренесуваат дома вирусот. Бројките се добри, но зошто да ризикуваме? Се донесе соломонско решение, тие што сакаат да носат, а тие што не сакаат, да не носат. Мислам дека е прерана ваквата одлука. Ќе покаже времето дали била исправна“, кажа д-р Стојанов.

Тој потсети дека од денеска во Шпанија ковид се третира како сезонски грип.

„Секоја држава за себе размислува. Кај нас, мислам дека ние размислуваме под притисок на нестручната фела. Во државите во кои ги симнаа маските, се зголемија бројките. Ние немаме притисок во болниците, но не треба да се опуштиме и сè да укинеме. Затоа што иако заболениот има благи симптоми, сепак го пренесува вирусот. Баби и дедовци заглавија по болници зашто децата им го донесоа дома“, вели Стојанов.

Епидемиологот од Гевгелија Д-р Сашо Олумчев вели дека не може да се избројат колку случаи има бидејќи многумина се тестираат и со тестови од аптеките.

„Но, штом не се јавуваат кај нас и штом немаме лежечки пациенти, останува на нашата самосвест за да се самоизолираме. Децата носеа маски, но реално и не ги носеа. Може да се симнат маските, но сметам дека тоа треба да биде доброволна одлука на родителите. Секој има право да одлучи за своето здравје. Јас би ги оставил маските во затворен простор, бидејќи сепак има и деца со послабо здравје. Нека биде препорака, кој сака да може да носи маска“, смета Д-р Олумчев.

Како што тој појаснува, омикронот многу брзо се шири но не дава сериозна симптоматологија. Возрасните скоро се сите вакцинирани или прележани, па затоа не гледа опасност учениците да направат проблем дома.

„На есен не знаеме каков сој ќе имаме. Сега е моментот да го стекнеме колективниот имунитет, и со вакцинација и со прележување“, вели Олумчев.

Од 30 мат околу 188.000 основци повеќе нема да мораат да носат маска додека траат часовите, но и на малите и на големите одмори. Откако беше прогласена пандемија, учениците следеа настава од дома, а на училиште се вратија од следнатра учебна година, но мораа да носат заштитни маски. Влегувањето во училиштата беше дозволено само со заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици. Редари им мереа температура, а беа забранети поздравувања.

Пред еден месец, резултатите од скринингот покажаа дека од 800 тестирани ученици, само 8 биле позитивни на ковид-19. Сепак, разочарувачки беше фактот што од речиси 190.000 основци, согласност за тестирање дадоа само околу 5.000 родители на ниво на држава. Оттука, се стави под знак прашалник релевантноста на целиот скрининг.

Покрај укинувањето на маските за основните училишта, Владата одлучи и на државните универзитети повторно да продолжи наставата со физичко присуство.

Уште една мерка која од денеска не важи е и задолжителниот сертификат за примена вакцина против ковид-19 или доказ за пележан ковид за влез на терасите на угостителскитте објекти. За затворениот дел од објектите обврската за сертификат останува. Воедно, Владата дозволи и кината тетрите и другите капацитети на затворен простор да имаат максимална исполнетост од 75 проценти, но задолжително да се носат маски и да се почитуваат останатите ковид протоколи. Укината е и мерката за редарски служби во економските оператори.

Воедно, Министерството за образование апелираше останатите анти ковид мерки да се почитуваат доследно и одговорно и во училиштата и надвор од нив за да може наставата со физичко присуство да се одржува непречено.