Водечкиот критичар на власта во Русија, Алексеј Навални вечерва во 20 часот по московско време (18 часот по македонско време) се врати во Русија, по пет месеци откако падна во кома откако беше затруен со бојниот нервен отров Новичок и пренесен на лекување во Берлин.
Навални и неговата жена Јулија слетаа на московскиот аеродром Шереметјево, по два и пол часа лет со рускиот авиопревозник „Победа“ од Берлин. Авионот требаше да слета на московскиот аеродром Внуково, но од засега непознати причини летот беше пренасочен. На Внуково го чекаа бројни новинарски екипи и покрај температурата од -20 Целзиусови степени.
Со нив беа и некои од најблиските соработници на Навални, а руските медиуми објавија видеа од нивно апсење од полицијата. Меѓу уапсените се и политичарката и адвокат Љубов Собол, и Руслан Шаведенов, кој работи за антикорупциската фондација основана од Навални.
Според познатиот сајт за истражувачко новинарство„Белингкет“, најсериозен осомничен за труењето на Навални е руската безбедносна служба ФСБ. Русија негираше каква било вмешаност, но Навални јасно ја обвини власта во Русија.